Ќе ти поминам…ќе ме заборавиш

ќе ти поминам
ќе ме заборавиш
полека и нежно
од мене ќе се чистиш
од сите наслаги
во тебе што ги оставив
а новите утра кои ќе осамнат
зборовите ќе ги изгребат
оние кои за тебе ги стокмив
а со кои двајцата не’ убив
ќе ти поминам
ќе ме заборавиш
замижан и со отворени дланки кон небото
ќе го вдишуваш августовскиот ветар
и со секое издишување
како чад од цигара
дел од мене
надвор од себе ќе испушташ
сите мои мириси летото ќе ги однесе
а есента ќе ги измие милувањата
ќе ти поминам
ќе ме заборавиш
како изветвена фотографија
на која ликовите едвај се познаваат
полна празни спомени
и мисли во горчини натопени
со прстот нежно
по сеќавањата за мене ќе минуваш
до пола зачувани, во времето изгубени
со по неколку илузии додадени
ќе ти поминам
ќе ме заборавиш
само по трепетот во градите
ќе знаеш колку си ме љубел
и повторно во кутија ќе ме заклучиш
и од себе дури ќе ја скриеш
подалеку од очите да ти бидам
небаре очите и срцето исто се
небаре срцето треба да гледа
да во тебе да ме најде
ќе ти поминам
ќе ме заборавиш
оти ништо вечно не останало
без да изгние
и во земјата да се впие
и само букет суво цвеќе
како спомен да остане
како со рака однесено
ќе ти поминам
ќе ме заборавиш

Посетено 6.544 пати (1 денес)