Исповеди на еден Психотичен Ум – деветти дел

„Од што најмногу се плашиш на светов?“ – праша Антонија.
„Од моето нетрпение, избувливост и бегање од вистината“ – како од пушка одговори Симон.
„Можеш да ми дадеш пример?“
„Во времето кога се гледав со Тања постојано го правев тоа. Ќе се скараме и нула трпение. Пробувам ревносно да го решам проблемот, форсирам како психо, замарам и кога ќе видам дека тоа не пали, наместо да оладам малку и да причекам да си дојде сè на место, јас обратно. Ме пука инат и одам и правам глупости.“

исповеди на еден психотичен ум роман

„А сега?“
„Не знам. Не знам колку и дали воопшто сум сменет, ама во најмала рака сум посталожен. Ама не многу. И тоа страшно ме нервира. Тоа е таа проклета шкорпионска моја одлика на сè или ништо. Џа или бу. Не знам, не можам да функционирам како другите, да ставам маска и да се преправам дека сè е во ред. Да излижам гз дека некого трпам само за да си го осигурам моето место под сонцето. Да заебам друг за да опстојам јас. Да кажам дека сакам кога ми е факинг сеедно.“
„Добро, во принцип не е лошо тоа што го правиш.“
„Па знам дека не е, и дека е исправно, ама размисли па вака – станува збор за потреби. Дали се тоа физиолошки, примално-сексуални или од повисок степен од пирамидата на Маслов, сепак се потреби, нели? И сепак сме луѓе. И сега, ако не си ги задоволуваш личните потреби, со тек на време доаѓа до фрустрација. Фрустрација поради немоќ нештата да се сменат. Или, ако си како мене, учиш да се прилагодиш на условите и го тераш тоа што ти оди – сè до моментот кога ќе најдеш нешто што ти е ептен по ќеиф.“
„Што правиш тогаш, во таков случај?“
„Е тука веќе се дешаваат пиздариите. Работиш едно нешто, не си среќен, ама ти е потребно, па затоа почнуваш и друго, и трето, и четврто, и петто. И оп, одеднаш, магично, сè ти тргнува. И што правиш тогаш? Додека не си сигурен дека еден ангажман целосно ти ги задоволува потребите, тераш со сè паралелно и се трошиш до бесконечност. Нормално, со тек на време нешто ќе почне да трпи, ама сепак тераш, тераш бидејќи не си сигурен.“
„Сега ми зборуваш за работа или ми зборуваш за љубов?“
„Не, не користам метафори. За работа зборувам. За љубов сум дијаметрално спротивен. Ќе наидам на некоја која ми е во моментот погодена и сè друго баталувам во секунда. Ќе се наложам како кретен и одма живнувам. Заборавам на сè и се препуштам во моментот. Сè додека не претерам, а претерувам бидејќи се посветувам на работа и си го занемарувам љубовниот живот и после, како човек кој талкал со месеци во пустина, кога ќе видам вода пијам како неарен. Проблемот е што водата во реален живот размислува и си вика – прекини да пиеш одеднаш, ништо нема да остане од мене!“
„Си размислил некогаш зошто немаш кочница?“
„И повеќе од еднаш, ама не знам, мислам дека е тоа посилно од мене. Или барем тоа е изговорот за моето неработење на себе. Е сега, кога ќе се случи тоа, обично се повлекувам. Знам дека сум претерал, сум заебал работа и одам регресивно.“
„Зошто тогаш толку многу жени се вклучени во приказната?“
„И тоа е некојаси проста математика. Замисли почнуваш од нула. Типична приказна. Дечко запознава девојка. Хемија стотка. Дечково избрзува, девојката се повлекува. Дечкото конта колку е саатот и се повлекува. Работите стагнираат. Поминува време, се појавува нова девојка. Дечкото се појавува во погрешен момент. Девојката го свиѓа, но има врска пред распаѓање. Повторно лош тајминг. Во меѓувреме никнува првата пак, втората одржува комуникација, иако не е сигурна. Ништо не се случува. Никнува трета. Таа не знае што сака. Дечково спиздува. Крева раце од сè. Наоѓа четврта како што треба. Одеднаш Марфи – сите заинтересирани. Секс. Ама не од вистинскиот и добар секс што секој го сака. Не. Затворско рејпање е ова.“
Тина го погледна тажно. Се гледаше од авион дека е скршена. Торбите едноставно ѝ паднаа од рацете и тоа беше тоа. Се снеможи од шок и само чучна и го покри лицето со дланките. Оди кај неа, шепна Марија и тргна да си оди, но Симон ја фати за рака и не сакаше да ја пушти. Да не си мрднала, кажа одлучно и тргна кон Тина. Клекна и тој, ѝ ги тргна рацете од лицето и виде дека се преполни со солзи. Ова ми е бумеранг за тоа како се однесував со тебе на почетокот, тоа ли е работата, праша низ солзи Тина. Не, ова се недовршени работи кои немаат врска со тебе, рече Симон со грутка во грлото и продолжи одлучно. Ова може да е сè, а може да не е ништо, ѝ шепна и ја бакна во челото. Со тешко срце стана, отиде кон Марија која стоеше таму потресена и со грижа на совест, ја фати за рака и набргу исчезнаа од видокругот на Тина.
„Мислиш ли сè уште на Тина?“ – одекна прашањето на Антонија.
„Мислам, нормално“ – отсечно одговори Симон.
„А на Марија?“
„На неа, не.“
„Тања?“
„На неа па ич.“
„Силвија?“
„Нонстоп. Нормално.“
„Нормално? Зошто е тоа нормално?“
„Ова се некои трикови за да ме натераш да најдам некаква си шема кај девојкиве?“
„Ти што мислиш?“
„Со Тања и Марија имам целосно расчистено. Мажени се и двете и со деца. Тина и Силвија не се. Со нив не заврши со крај, заврши со небулоза од чувства. Со делумна глупост од моја страна, со недоразбирање, со… добро, сфатив, не завршило ни со една ни со друга.“
„Тие се единствените или има и други?“
„Па можеби има и други, не сум размислувал толку напред.“
„Зошто толку недовршени односи?“
„Зошто да биде едноставно кога може да биде комплицирано? Класика момент. Тина уметникот ми треба, црпам инспирација од неа, не треба да зборуваме, се разбираме со ќутење. Силвија е неистражена територија. Ме плаши, фасцинира што гледам сличности со мене. Може и да не е така. Ама би сакал девојка со мој тип на ум покрај мене. Девојка која прави исти грешки ко мене за да не мора да се објаснуваме и караме, туку едноставно да се разбереме. На крајот, откако иницијалните пеперутки во стомак ќе поминат и сексот ќе стане рутина, што останува ако не разбирањето и длабоката почит еден кон друг?“
Се препотив од сонцево. Не е нормално да е олку жешко. Што направи у веце сто саати? Гарант дрнда на телефон. Еве ја иде. Точно знае каде застанавме со муабетот. Како да не го цениш тоа? Фокусирана и заинтересирана. Ако ништо друго, барем има почит во неа. Дали има нешто повеќе, ќе видиме. Убави очи има, искрена насмевка. Ми се свиѓа каква енергија има. Брзо размислува. Била повредена ептен, се гледа. Дефанзивна е, ама со стил. Не може човек лесно да ја провали, животот ја натерал да биде јака за сто души.
„Зошто ме гледаш така?“ – праша Силвија.
„Мана ми е, гледам и си анализирам во главата“ – одговори смирено Симон.
„Што виде што ти фати око?“
„Некој момент во минатото, нешто што те прави толку отворена, а толку претпазлива. Од што се плашиш?“
„Од ништо не се плашам.“
„Најдов и јас со кого тикви да садам, ти си бетер љутач од мене, се гледа.“
„Супер. Тогаш не ме лути и нема да имаш проблем.“
„Што е полесно, да бидеш опкружена со милион луѓе кои ги сакаш и те сакаат или да се отвориш кон нов човек кој не знаеш што може да ти даде или пак земе?“
„Реторичко прашање?“
„Па не, ама мислам дека самото прашање го наметнува одговорот, што е и педерски од моја страна. Нема везе. Поентата ми беше, не можеш да знаеш дали е одговорот точен освен ако не пробаш.“
„А од каде знаеш ти што сакам јас, и дали сакам што и да е да пробам? Па ти ништо не знаеш за мене. Ако имаме некаква конекција не значи дека тоа е точната конекција, ниту пак дека е конекција која ми треба во моментот, а најмалку па дека е…“ – пред да можеше Силвија да ја заврши реченицата, Симон веќе ја бакнуваше. Тоа беше дел од секунда во која световите им се споија, момент на исклучување на мозочни активности за можните последици и целосно препуштање од двете страни. Но секундата помина, мозокот се вклучи и инстантно настапи рефлексно повлекување од нејзина страна, со лутина која Симон беше свесен дека нема лесно и бргу да помине.
„Имаш ли ти грам памет у главата? А? На сред кафич, демек? Пошто така функционирате вие самопрогласените фраери? Пошто земате што е ваше, кога сакате и како сакате? Не, сега ќе удрам една кочница да се смирам за секунда бидејќи немам намера во јавност да те ставам у место и ќе станам и ќе си одам. А ти ќе останеш тука и ќе размислиш малку што значи за карактер како мене кога некој вака ќе ме навреди без разлика на можната позитивна конотација.“
„Ама знаеш дека…“
„Не, не знам и не сакам да знам. Си одам. Немој да ме бараш.“
Мисли на минати случки, како низ магла, како од некој претходен живот. Што е ова што ми се случува? Оргии, насилство, манипулација, криење, игри, љубов, болка. Не можам да си ги сосредоточам мислите. Една патека е јасна, но зошто има и други кои се преплетуваат? Антонија постојано нешто запишува во тефтерот, да можев барем да ѕирнам. Се подобрувам или се откривам кој сум и што лежи под овие триста слоја приказни? Девојкиве сами си одат или јас ги оттурнувам од себе? Зошто не можев да се контролирам кога го нападнав идиотон? Побарај апчиња за смирување, за спиење. Среди ги мислите. Врати го фокусот. Врати се на работа.
„Оргии?“ – збунето праша Антонија.
„Тоа на глас го кажав?“ – исплашено ја погледна Симон.
„Да, набројуваше работи скоро несвесно и потоа престана.“
„Ме чуди зошто споменувам такви работи кога не сум ги доживеал.“
„Сакаш да пробаме со хипноза?“
„Не денес, почнувам да губам воздух, ме фати некаква паника, не можам да дишам.“
„Земи длабоко воздух и пробај да не мислиш на ништо. Имаш напад на паника.“
Ми пријде искрено, да ме утеши, да ме гушне само. Бев повреден, избезумен, одрекував дека такво нешто мене ми се случува. Реалноста, колку и да беше кул, болеше. Никогаш не е сеедно кога ти си ебаната странка, кога некој тебе те оставил, без разлика што си знаел дека е веќе готово. Кога таа личност на која некогаш си се посветил толку бргу ти нашла замена, а ти… ти седиш ко муле и… Многу јака енергија, многу емоции. Немој, немој таму. Она е забранета територија. Хемија од нигде никаде. Сфати што се случи. Се тргна. Пушти ја да си оди. Не, повлечи ја кон тебе. Уплашена е, не сака, знае дека е лоша идеја. Алиштата летнаа. Сексуална енергија на претек, но не изгледа природно. Роботски секс, без бакнување, без поглед в очи. Толку беше од здравиот разум. Јебига, кога веќе почна, ќе се оди до крај. Отиде уште едно искрено пријателство у курац. Заврши сè и се смеевме. Што фино. Денес се смееме. Утре сигурно ќе плачеме и ќе жалиме.
(продолжува…)
Извор | Fail.mk
Расказот е извадок од романот – Исповеди на еден психотичен ум

[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/author/psihotichen-um/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]

Посетено 2.071 пати

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Vladimir Ristevski (Psihotichen Um)