Знаеш што ме нервира брат?


Знаеш што ме нервира брат? Се жалат стално. На се и сешто се жалат. Највише се жалат дека никој не ги сака, никој не им обрнува внимание, никој не ги слуша кога зборуваат. Никој не ги вика на дружење. Снемало љубов демек. А еве јас да ги прашам, а што очекуваат? Се затвориле во мали кругови брат, и се повеќе ги стеснуваат. Си прават некои рутини кои им го прават животот лежерен и поднослив. Ги скратуваат релациите. Од тука до таму. Да не се замарале, да не се напрегале, да не трошеле нерви за глупости. Ќе си го направат животот едно плитко бариче. Точно, безбедно е таму. Точно, не дуваат диви ветришта таму. Точно, ајкулите немаат пристап таму. Точно, тешко е да се удавиш во баричката. Ама побогу бе, па ајде да те видам плови во неа? Ајде да те видам растегни ги едрата на животот и плови во твојата удобна баричка? Човекот ако требало така да живее ќе бил жаба бе брат. Или полноглавец. Баричката на таквите им е супер. Ехеее, резиденција им е. Ама човекот не е направен така. Човекот не е џабе направен да издржува урагани. Човекот не е џабе направен да гледа со возбуда во длабочините, во височините, во далечините. Дека човекот таму припаѓа брат. Во височините, во длабочините, во далечините. Направен е да пипне, да зграпчи, да осети, да дише со полна плуќа е направен, ме разбираш? Да лета, да нурка, да шишка со полна брзина е направен. А живее на ситно. Затоа е несреќен. Затоа се жали. Затоа мрази. Ти немој да дозволиш така. Ме слушаш? Затреси го животот јако. Претумбај го. Ризикувај. Најди луѓе слични на себе. Авантуристи и ветропири што не сакаат да се брчкаат во смрдлива бара. Иди со нив освој го светот. Што можеш да изгубиш? Барата? Не брат… барата секогаш ќе биде тука и ќе те чека. Ама ти остај им ја на оние што уживаат во неа.

Посетено 8.638 пати