Зимски сеќавања

Се потсеќаме на младоста
се тешиме дека тука е
веднаш зад нас
ене , зад аголот
по улицата која штотуку ја изврвевме
како да не поминале барем две децении
како многу рала чевли да не сме искинале…
ете
се подлажуваме дека истите сме
дека само малку времето не’ допрело
само малку по лицата не’ погалило
дека побелените влакна од стрес се
и дека брчките околу очите “смејалчиња” се
иако со години само се насмевнуваме
наместо како деца да се искикотиме
онака, без причина
од пуста радост дека живи сме
дека уште чекориме
можеби малку побавно од порано
ама нозете како војници сме ги обучиле
да не застанат дури и тогаш кога најтешко е…
се сеќаваме на младоста
која како карамела во устите ја топевме
се потсеќаме како љубевме
и како љубени сме биле
кога срцата како едно ни биеле
а меѓу две отчукувања
цели приказни се раѓале
некои и ден денес
со оган во очите ги раскажуваме
некои сме ги заборавиле
како да не постоеле, како да сме ги измислиле
а некои
оние најголемите
тие во бол ги закопуваме…
на младоста се потсеќаме
на нејзината дрскост
убавина и смелост
раскош и страст
и дур на телата годините и лузните
како бисери ги нижиме
срцата уште силно ни чукаат
до последното
до смртта исти остануваат
болат
треперат
горат
како тогаш
како некогаш
на младост кога ти и јас се љубевме

Посетено 871 пати