Вљубен


Марко ги сакаше зорите кога светот го обвиткува румен бакнеж. Ги сакаше и ноќите, за да ги чита густите букви од ѕвезди. Ана ги сакаше малите нешта што го правеа животот полесен. Често дома донесуваше нови интересни удобности.

Марко се будеше рано. Со време научи да спакува некое парче од зората и да го подметне меѓу дребулиите на Ана. Вешто полнеше мали шишенца, додаваше во нејзината чанта, во мирисот на автомобилот или ги редеше на полиците за зачини, за книги, во бањата кај разновидните сапуни.

Ана ја преспиваше зората. Затоа Марко стануваше поревносен во пакувањето и додавањето. Успеа дури да зароби една зора меѓу две кришки потпечен леб, за да може Ана да го доживее вкусот. Додека така ги дишеше изгревите Марко полека се менуваше. Едно утро забележа дека лесно може да лебди како блескав облак на хоризонтот. Следното утро виде дека може да се башкари во зората како во огромен топол кревет. Така неосетно тој се пресели во зората.

Ана разбра дека кога си вљубен во нешто бескрајно, и самиот стануваш бескраен.

Посетено 485 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!