Ученикот секогаш го надминува учителот

ucenikot-sekogas-go-nadminuva-ucitelot-1

Лева па десна, штиклата висока дваесет сантиметри, доволно да бидам над тебе ако те сретнам.

Фустанот залепен, прилепен не може повеќе целиот е припиен на моето тело, како што некогаш беше ти.

Косата пуштена, долга, баш како што сакаше, отсекогаш.

Шминката на минимум, природното е истакнато, контурите се испакнале сами од десетте изгубени кила кои велеше дека треба да ги скинам.

Скинати се, целулитот не постои, спиев во теретана само за да ти докажам и да си докажам дека можам.

Излегувам од колата, Ламборџини во бела боја, елеганција на место. Сите се гледаат, а има и што да видат.

Ставот сигурен, чекорам како зад мене да чекориш ти посакувајќи да те импресионирам.

Цврсто, сигурно во себе како никогаш досега.

Акцентот специфичен, келнерот дури и занеме кога му проговорив, ме испи со очи како што правеше ти некогаш.

Го вадам огледалото и посегнувам по карминот во чантата, а во истиот момент на одрзот во него во позадина те гледам тебе.

Така скоцкан, но не си можеш со мене, се правам дека не те забележувам, но треперам, штиклите се клатаат, им се обраќам со зборовите – “Не издавајте ме сега, пред него, пред “учителот”.”

Седнувам на првата маса во ресторанот во кој секогаш седевме заедно, најлуксузниот во цел град, од лево свртена со грбот кон луѓето кои поминуваат, не сакам да ме гледаат при секоја испиена голтка.

Ги вадам цигарите на маса и чекам да дојде келнерот, седам наспроти тебе, те гледам во очи, без да трепнам.

Тогаш ме забележа, знам, слушнав звук на вилушка како паѓа на подот, сигурно беше твојата, вилушката или вилицата, едно беше сигурно.

Седам така смирена, а внатре вриштам, но нели сум дама, ти сакаше да ме направиш дама, а дамата не сака драма.

Порачав пиво, а сигурна сум дека и ти го порача истото, бидејќи секогаш пиевме исто кога ќе излезевме заедно, сега сме повторно заедно, но на различна маса, со различно срце, моето камен, твоето памук.

Палам цигара, испуштам дим и те стрелам со поглед, а посакувам да имав шатган.

Испуштам повторно дим, а ти палиш цигара, шестта по ред, ти ги бројам.

На седмата ќе станеш да отидеш до тоалет, од навика, те познавам.

Погледот ти е спуштен, де ти шара кон подот, де кон моите штикли, да Лобутинки се не се мисли, вредат повеќе отколку твојата кукла Сеат Ибица.

Се смешкаш, ме изненади, наеднаш ме прострела со поглед, неочекувано, педерски, но таков беше и во врската, зошто би се променил?

Ме погледна и ме праша немо, се уште ли ме сакаш?

Не, ти одговорив со гасење на цигарата, како во истиот момент да ја удавив љубовта која некогаш сум ја чувствувала во пепелникот со вода.

Сфати, знам дека сфати, погледот ми кажа.

Ми шепна се гордеам со тебе, со палење на нова цигара ти одговорив – “И треба да се гордееш.”

Не поставив ниедно немо прашање, само одговарав на твоите, кога бевме во врска беше обратно.

Дали имаш некој нов?

Се допрев на десната рака и го погалив прстенот со дијамантски камен од бело злато.

Тоа беше доволно, нели?

Станав и си заминав, доволно разговаравме, повеќе и отколку кога бевме во врска.

Ова беше можеби најдолгиот разговор во мојот живот во кој те надзборав, конечно!

Учителе?

А сега имам уште нешто да ти кажам, се сеќаваш кога ми рече дека – “Ученикот секогаш го надминува учителот?”

Беше во право, не да те надминав, туку и те заминав и не планирам повторно да се навраќам на тебе!

Посетено 6.948 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!