Три причини за солзи

solzi_majkatiitatkoti
На денешен ден си замина Тоше Проески. Како вчера да беше, се сеќавам на 16 октомври и деновите кои следеа се до неговиот погреб. Не го познавав лично, претерано не ја обожував и слушав неговата музика, ниту пак купував негови ЦД-а. Случајно ми понудија карти за негов концерт и тогаш за прв и последен пат го чув како пее во живо. Беше тоа неговиот последен концерт. Да ви опишувам како се чувствував на 16-ти октомври 2007, можам до најситен детал. Не постојат многу настани од мојот живот кои ги паметам толку живо, како што ја паметам дента на неговата смрт. Не пуштив солза. Ниту две. Не го исплакав. Јас плачев без престан и тој ден и сите следни денови се додека не го спуштија ангелчето во земја. Отеков, помодрев! Запоставив се околу себе, за ништо друго освен за него не бев способна. Бдеев пред телевизорот и менував марамчиња нон-стоп, дење-ноќе. Дури и домашните се вознемирија, ми велеа дека морам да престанам, дека навистина ќе се разболам, дека и ним им е жал, ама дека моето не е нормално. И не беше нормално.

И не застанав тука. Со денови потоа се расплакував секогаш кога ќе чуев негова песна. И солзите ниту еднаш не успеав да ги запрам. Па престанав. Морав. Едноставно не можев повеќе да издржам. Ги избегнував неговите песни така што веднаш менував радио или тв станица кога пееше тој, ја вртев следната страница во списанието, ако случајно налетав на неговата слика, ја менував темата на разговор кога ќе се споменеше неговото име. Само затоа што знаев дека повторно ќе плачам. Девет години поминаа од тогаш. Верувале или не, до ден денес не се смени ништо. Денес му го видов ликот ангелски, си ја преслушав Игри без граници, а сега еве за него и пишувам. Имам три причини за солзи… а тие сами си течат. И нека ги. Денес не се бранам од него. Нека течат во знак на сеќавање на единствениот човек во мојот живот поради кого сум плачела само затоа што некој му го спомнал името, сум го видела на слика, сум му го чула гласот.

Ми беше чудно на почетокот од каде толкава болка по пејач чија музика никогаш не сум ја обожувала? Не ми е чудно повеќе, одамна веќе не ми е. Јас всушност никогаш не тагував по него како совршен пејач, балканска ѕвезда. Јас всушност отсекогаш тагував по него како мила душичка, младо момче со прекрасна насмевка, широко срце и неизмерна добрина. Не е потребно човека да го познаваш лично, песните на памет да му ги знаеш, неговите цд-а да ги имаш, за да го оплакуваш и по него да тагуваш. Се што е потребно е некој да биде човек. А тој беше и повеќе од тоа. Тој беше човекот поради кого плачеше и младо и старо, кој обедини милиони луѓе во една, единствена и неизмерна болка, болката по него. Никој до него ја немаше таа моќ! Никој по него нема да ја има!
Cry

Посетено 4.897 пати