Среде раскрсница, на бетонската жардиниера седеше мајка со бебе

Навечер пешки од Тафталиџе кон семафорите пред Сити Мол. Нешто необично светка, како ѕвездички кога треперат. Забрзав љубопитна да видам што е. И видов.


Среде раскрсница, на бетонската жардиниера седеше мајка со бебе. Го доеше. Во тревата расфрлани кеси. Просела. Се одмараше од работниот ден. А до неа две мали дечиња. Им беше свртена со грб. Момче и девојче. Најверојатно братче и сестриче. Не повеќе од 4-5 години. Си играа. Се закачаа. Се смееја. Стоев од оваа страна на црвено и немо ги набљудував. „Само да не истрчаат пред некоја кола“, си мислев, оти таму широк остров нема, пред ноџињата им поминуваа тркалата. „Сврти се жено“, ја повикував мајката во мислите, „Прибери ги“. Се сврте таа по некое време, ги погледна рамнодушно и си продолжи со доењето. Задоцнив некоја секунда пред да поминам на пешачки откако се вклучи зелено на семафорот и тогаш пак нешто необично силно светна. Сега знаев што. Видов од блиску. На тревата беа расфрлани неколку отворени пакетчиња самолепливи светки за украсување велигденски јајца. Срциња, крстови, венци. Допола истрошени. Ама не светеа пакетчињата. Туку децата. Си ги изналепиле на лицето, на челото, на рацете. И имаа уште за лепење. Се кикотеа додека се китеа како новогодишни елки… Да ги изедеш, слатки како лампиони! И да се молиш ништо лошо да не им се случи на тие невини душички. Не знаеја ни каде се, ни што прават, ниту какви опасности ги демнат. Облечени во кратки ракавчиња и папучки, палаво потскокнуваа, за да не им студи, или затоа што не им студеше. За нив ништо друго и никој друг не постоеше. Заборавени од мајка им, од минувачите, од градот, од државата, невидливи за сите. На сред семафори, меѓу чадот од издувните гасови и забрзаните возила, во некој свој, убав и безгрижен свет на островче од само две педи… си живееја дечиња на кои раскрсницата им беше и игралиште и дом… две ѕвездички си трепереа во темнината, а никој не ги виде…

Посетено 1.700 пати