Старо стебло

Рекоа, старо е стеблото
Се измачува.
И го исекоа, го корнеа
Со копачи, со сила.

Дојдоа потоа да го раскопаат дворот
Го исчистија од плевел, од лишај
Посеаја трева и никна тревата.
Озелени.

Само на местото
Каде што го сосекоа и корнеа стеблото
Не никна трева.

Одново раскопуваа,
Одново фрлаа семе
Попусто –
Среде тревата остана една голема лузна.

Рекоа, земјата си ги памети сите свои рожби
И не заборава таа
На нивните страдања.

Лузната остана за да ја прераскажува судбината на стеблото
Прерано сосечено
Во него се уште да ти имало живот.

Чиниш целата судбина на стеблото
Се читаше на таа голема лузна
Среде зеленилото.

Анте Поповски

Посетено 2.794 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!