Стари ставови на тема ‪Св. Валентин‬ versus ‪‎Св.Трифун‬

Скопје, секс, сакање…

Една од најчувствителните точки отсекогаш ми било прашањето што да се слави: Св. Трифун или Св. Валентин? Имајќи предвид дека ретко кој ги слави овие празници од стриктно религиозни побуди дилемата паѓа на тоа дали некој е заљубен за да слави Валентин, дали има желба да прописно да се налее, сака да ги искомбинира тие работи или му е преку глава и од двата празника.

StValentin2006-Theti-Cheri

Ајде да ги разгледаме сите аспекти на тој магичен 14 февруари. Прво, ако погледнеме од религиозна гледна точка идејата да се даде еднакво значење на два празника од различни христијански правци е доста позитивна имајќи ја предвид мултиконфесионалната природа на населението кое живее во Македонија. Контра аргумент на ова секако би бил фактот дека до пред десетина години единствено се славел Св. Трифун како празник на светецот заштитник на лозарите и дека славењето на Св. Валентин е бесмислено – особено ако земеме предвид дека во православието Св. Валентин се слави на 12 август и нема никаква врска со западноевропската интерпретација на празник на љубовта. За иронијата да биде поголема, православниот еквивалент на Св. Валентин, Св. Софија – Вера, Љубов, Надеж кој се слави на 30 септември, воопшто не се празнува, бидејќи не е популарен кај народот.

Гледајќи го популарното мислење кое владее, особено кај младите, дека на 14 февруари треба да бидеш или романтичен или да се направиш клен можеме лесно да дојдеме до заклучок дека нешто тука не штима. Од каде се дојдени овие крајно забегани перцепции и кој е вистинскиот кривец за ваквите искривени гледишта на овие два празника? Одговорот е прилично едноставен.

Од една страна, пред христијанизацијата на Македонија луѓето кои живееле на овие простори биле многубошци и еден од подоминантните богови на кој му се оддавало почит бил богот на виното и жетвата Дионис – празнување кое по самата своја природа било неморално и налагало консумирање на големо количество на вино (или ракија). Оттаму, по христијанизацијата на Македонија, се родила потребата лозарите да си изберат светец заштитник при што изборот паднал токму на Св. Трифун, светец кој во Русија, на пример, е заштитник на ловците и риболовците.

Од  друга страна пак, католичкиот Св. Валентин ја добил својата поврзаност со љубовта преку песните на Џефри Чосер во 14-от век и оттогаш празникот масовно се споменува во поезијата на војводата Чарлс Орлеански, во Хамлет на Шекспир, кај Џон Дан итн. Во современи времиња веќе е јасно дека еден празник кој алудира на каков било начин на љубов е момент за масовна комерцијализација и можност за профит, па така Св. Валентин доживува вистински бум низ целиот свет, па следствено на тоа и во Македонија.

Како сега се манифестира празнувањето на овие два празника во Скопје? Епа вака, продавниците кои продаваат дрангулии и останати глупости во облик на срца, мечиња, цвеќиња и останати бесмислени џиџи-миџи прават парче, кафанџиите тријат раце на карта Св. Трифун и луѓето кои имаат исконска потреба да си се присетат на долго заборавеното другарче Дионис, сопствениците на ресторани се крстат во „романтичните души“ кои 2 дена однапред имаат резервирано маси за романтична вечера, а хотелите/мотелите се подготвуваат за истите кога подоцна, под дејство на толку многу вино, ќе им се роди желба за секс.

Низ Скопје ќе видите момци и девојки кои окезени од уво до уво се шетаат по продавници и внимателно избираат поклон за нивниот партнер, но ќе видите и други кои шетаат и полутивко пцујат што другата половина ги натерала да купат нешто, т.е. им навестила дека ќе им даде поклон, па сега за да не бидат и тие со празни раце лутаат бесцелно по продавници.

Мое лично мислење е дека од година за година овој 14 февруари добива премногу на значење и станува само поим за комерцијализам налик Нова Година. Усилени поклони резултираат со еден куп мечиња и срциња кои ми стојат зафрлени некаде дома и кои не ми значат баш ништо, резултираат со непостоечки спомени од овој датум и со дупки во меморија од преголемо чествување во духот на Диончето. Вештачки наметнатиот притисок дека на 14 февруари човек мора да се начука, мора да биде романтичен или мора да си најде партнер ми е навистина смешно.

Не знам како вие планирате да го прославите овој 14 февруари, ама знам дека јас, како голем љубител на виното, си почнав уште сега да си дегустирам и утре планирам најнормално, како и секоја друга вечер да си продолжам во тој стил, ако се чувствувам расположен, да се пожуркам, ако имам желба и да изразам љубов кон девојка, ептен ако веќе морам! Добра ноќ Скопје и памет во глава за утре!

Посетено 1.344 пати

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Vladimir Ristevski (Psihotichen Um)