Сокриена душа

19100-orange-mist-over-the-forest-lake-1920x1080-nature-wallpaper
Таму далеку во густата шума каде дрвјата се најгусти, каде зеленилото е најраспространето, каде очите те болат од зелената боја, каде птиците ги пеат најубавите песни, песни од рајот, таму длабоко во таа шума сокриј ја душата.
Сокриј ја никој да не може да ја најде, никој да не се ни посомнева дека е можеби таму сокриена.
Нека биде сокриена на најскришното место меѓу густите елки, меѓу високите треви, таму до убавото мало езеро остави ја.
Кога ќе ја сокриеш, увери се дали е добро заштитена од лошите птици, од дивите крволочни животни кои секој момент можат да се појават, да ја намирисаат нејзината убава миризба и да ја распарчат.
Таму остави ја и замини.
Замини со мирно срце, со спокој и биди среќен. Биди среќен за делото што си го направил, за душата што си ја сокрил на сигурно место.
Од време на време дојди, почувствувај го мирисот на мирот, слушни ги песните на птиците и почувствувај ги зраците од сонцето кои продираат во длабоката шума и ти внесуваат мир.
Оди на истото место каде си ја оставил и само погледни дали е сеуште тука, дали некој допрел до неа, дали птиците грабливки и дивите животни ја пронашле.
Погледни ја и увери се дека е се во ред и повторно замини во спокој.
После некое време, повторно дојди и повторно провери дали е се во ред.
Не ја земај со себе во светот кој е надвор од длабоката шума, не ја земај, остави ја каде што оној ден кога реши да ја сокриеш ја остави.
Чувај ја како најскапоцениот дар даден од Бог, чувај ја и никому не кажувај каде е.
Замини повторно мирно и со спокој во надворешниот горчлив свет каде не постојат птици кои пеат рајски песни, каде ги нема зраците од сонцето да продрат длабоко низ високите дрвја.
Биди спокоен до крајот на времето.
Кога ќе почувствуваш дека крајот на времето се ближи, оди таму, земи ја и носи ја со себе во бесконечните краишта по завршетокот на времето.
Таму никој не може да и наштети.
Таму ќе биде во тебе сокриена.
Таму ти ќе бидеш оној кој ќе ја чува засекогаш.
Посетено 1.319 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!