Сите зборови во мене ќе останат

[fblike]Не пишувам веќе толку често
како да ми секнува пишувалото
или можеби мислата ми ја снемува
нејсе
си мислам што да правам потоа
прстиве со што да ги измачувам
па ми текнува на плеталото на баба ми
и гоблените кои неуморно ги везеше
небаре белината на ѕидот е навредлива за око
и иако во ученичката книшка
по домаќинство стоеше дека Ана Бунтеска
“покажува особен интерес и успех”
никогаш немав некаков успех
а ниту особен интерес домаќинка да бидам
за оригами не ме бива
од хартија знам само аматерски авиони да правам
кои и онака не летаат подалеку од еден метар
за готвењето не знам што да кажам
ниту готвам ниту пак јадам многу
не знам на инструмент да свирам
а не ме бива ни за сликање
и како ги исцрпувам сите опции
ете, ме фаќа некоја тага
дека освен да чкрткам зборови
прстиве ми се неупотребливи
а паметам
паметам како ми лежеше твојата дланка врз нив
и обликот на твојот нос под нив
секоја твоја брчка и бразда на нив ги носам
смежуравени од бришење солзи
или од киснење во када, сеедно
како ме чешаат кога душава ми се собира
а потем болат дур пишувам
таму, кај ноктите
под нив како шилци да имам
па на сред збор ги проверувам
да не ми се пикнало сепак нешто
да не крварат
или можеби ноктите долги ми се
или прекратки штом болат
ех
не пишувам повеќе толку често
не како порано
и не знам дал е тоа добро или лошо
само страв ме фаќа што потоа
кога сите зборови во мене ќе останат
и во умот ќе ми тежат, внатре како овошки ќе зреат
и ќе се распаѓаат
во главава
во телово
во мене
Посетено 1.384 пати