Расказ за една асфалтна пукнатина

asfalt_majkatiitatkoti
Беше кратка. Дебела, длабока, стара, но и едвај забележлива.
Еднаш неа ја помина Климе кој од неа се сопна, се бапна врз блискиот автомат за сладоледи на слаткарницата „Добар пат“, а потоа, со изгубена рамнотежа се бапна и врз слаткарот Томе.
Друг пат неа ја помина и Здраве кој од неа се сопна, се бапна врз блискиот автомат за сладоледи на слаткарницата „Добар пат“, а потоа, со изгубена рамнотежа се бапна и врз слаткарот Томе.
Трет пат неа ја помина и Спретен кој од неа се сопна, се бапна врз блискиот автомат за сладоледи на слаткарницата „Добар пат“, а потоа, со изгубена рамнотежа се бапна и врз слаткарот Томе.
Четврти пат неа врз неа застана едно безимено гладно маче кое сакаше да се спари со друго безимено најадено маче, но не му успеа зашто веднаш потоа заврна. А беше на добар пат.
Петти пат неа ја помина и Здраве, кој се залета со точакот и за влакно не се акна во автоматот за сладолед.
Шести пат, на 28 Април, пукнатината не можеше да се примети затоа што беше покриена со партиска бина изработена од чисто 24 каратно злато од Индија заради митинг.
А седми пат не се деси буквално ништо зашто немаше никој во близина.
Слаткарницата „Добар пат“ тој период беше во стварно јака форма.
А Среќко од ривалската пекара „Лоша компанија & Co. Ltd“ (некогаш бивш слаткар) се каеше зошто баш тогаш мораше да го напушти слаткарскиот бизнис после толку години макотрпна работа во „Добар пат“ и да премине во пекарство, кое тој момент беше бизнис во изумирање.
Набргу потоа Среќко влезе во партија и успеа да стане пратеник во Долниот Дом, а потоа дури и заменик-министер за труд.
Стефан Марковски
Посетено 639 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!