Потрага


Си излегуваш да се прошеташ, на воздух малку. Ај на кеј, да те фати Вардарецот. Помалку гужва, полесно се дише. А сликата иста како и на било кое друго место. Да приседнеш, немаш каде. Првата клупа искршена скроз. Втората измачкана со сомнителна содржина, ако седнеш, лом се правиш. Третата изнаплукана со лушпи од сончоглед или семки, и тоа не онака, неколку, туку цела семкара распослана на два квадрата земја. Ти е страв да седнеш да не те навасаат глувци од некаде. Четвртата може да се погоди саглам, ама на неа веќе некој седи. Ѓубришта на секој чекор. Корпа за ѓубре ни за лек. И само си гледаш пред тебе како некој фрла ќеса од смоки, стапче од сладолед, отпушок од цигара. И тоа онака, како да е тоа најнормалната работа на светот. Нит бараш корпа, нит ти е срам да не те види некој. Најверојатно си се правдаат таквите луѓе во себе или пред себе „Јас не сум крив, кога нема корпи, на земја ќе фрлам.“ Не дека не се во право. Првата корпа преполна, втората ја нема, искорната, третата на километар подалеку некаде, а можеби ни таму. Наместо она тебе да те наоѓа, ти неа треба да ја бараш.

И јас исто си велам. Не сум јас крива што корпи нема. И никој не ми е крив што ми е срам ливче од мастика да фрлам, не па нешто друго, поголемо. Мислам сите очи во мене ќе гледаат. Не дека битна, туку дека некултурна. Па пикам. Само пикам. По џебови, најчесто во ташна. Повеќе собира. Како во корпа. Нема што нема внатре. Од користени влажни марамици, згужвани фискални сметки, до празни кеси од грицки или мастики. Завршиле таму, оти немало каде. Не ме нашла корпата. Ниту јас неа. Понекогаш и шишенца од сок или кафе мкнам. А кога доаѓам дома, истовар. Ама што знам… не ми е мака… ако ми е ташната прљава, си мислам… нека ми е совеста чиста… За среќа па неа, никогаш не морам да ја барам, таа мене ме наоѓа!

 

Посетено 450 пати