Полицаец – Колку гордо звучи

Одамна се токмам да напишам нешто за полицајците, луѓето кои сосема сигурно се занимаваат со најтешкиот, најнеблагодарниот, најнеплатениот и најопасниот занает на светот.

policaec_majkatiitatkoti

Поготово овде, на бившојугословенските простори, каде што лудите балкански глави пукаат, потегнуваат ножеви и фрљаат сос кашикари само после некоја опната ракија.
Иако, полицајците (како и плавушите и босанскиот тандем Мујо/Хасо) се неверојатно чест мотив во глупите вицови (кога некој ќе почне да кажува ваков виц, не знам што да си направам, незгодно ми е, не се смеам за инат, а “комичарот” го гледам во копчето од кошулата), демек се наглупи и натупи, глупушави, необразовани, итн, јас никако нема да се согласам со тоа.
Можда полицајците и беа нешто понеобразовани и побезобразни на времето, кога беа милицајци (народни), но сегашниве не се ни бледа сенка од нив.

Знам и се сеќавам дека порано, кога ќе ни застанеше милицаец, фаќаваме колективен уплав заклучно со ноќно мочкање, без разлиика дали немаш лична карта, слободна, здравствена, или возиш точак непрописно, паркираш кај што не треба, пивнат си додека возиш.
Уште ако продаваш чалам, не ти гинеше заушка, шамар, пендрече, а бога ми и преспивање во некоја станица. Џабе ти е после, “не мислев така, па не го видов, или фрцнав само 4 пивца”.

Сега е нешто друго. Џандариве денешни, пред сe, се покултурни. И, лични, испеглани, дотерани.
Иако, кога ќе чујам “Господине, добро вече”, ме фаќа тиха језа затоа што знам дека нешто не ваља.
Поентата е во тоа што можеш да се разбереш со нив ако си културен и ако не си начукан, накркан, надуван, на, на, на.
Иначе, муабетов ми дојде откако пред некој ден, пред мојата зграда се случуваше вистинска полноќна драмолетка.
Двајца копиљаци, прилично натиквосани и нафајтани, откако однекаде бегаа (и мислеа дека избегале), па откако повраќаа како стоки низ неартикулисани урлици, смеејќи се и дерејќи се како ненормални, по некое време имаа блиска средба со Господинот Полицаец, младо момче, веројатно имаше некаде под триесеттина години.

Типов ме одушеви.
Стоеше отстрана на само неколку метри од шизициве и мирно ги слушаше како меѓу себе се фалат што глупости изнаправиле пред малку.
Откако ги ислуша, им се приближи, им се претстави и им побара лични карти.
Овие се отрезнија у момент и со лоши финти мислеа дека ќе го “возат”.
Полицаецот ги изблефира така што глупаците почнаа самите да си се кодошат и да си ја префрлаат вината, повторно низ вриска и писка.
И, на нашиот јунак му пукна филмот, малку го подигна тонот, повторно побарувајќи им ги документите, а во меѓувреме му стигна појачање во вид на комбе. Чича-Мича готова прича. Ги собраа под раменици и ги однесоа како партали. Знам дека “јунаците” во станица си кажале и што треба и што не треба и дека нема да им текне друг пат да се заебаваат со полицијата.
А, знам и дека потоа ме фати жал, ама не за неваспитаните омладинци, туку за културниот и кул полицаец.

Се прашав, какви ли живци имаше човеков и со колу ли вакви делинквенти се расправа во само една ноќ?
Можеби дома има детенце со температура, можеби нема кој да му купи лекови, можеби му е болна и жената, платата знам дека му е тапа, можда се мисли од каде утре ќе купи книги за првачето, од каде пари за проклетата кирија, каде ќе го пратат на нова должност, ќе треба ли да пука за да спасува жива глава, ќе се осети ли некогаш вреден и награден за својата скотска работа, за фактот дека никој жив не го почитува, освен најмилите?
И, најболното од сe, требаше ли да ни се случат “борците за човекови права” за да полека почнуваме да ги засакуваме луѓето во плаво, луѓето чија единствена цел и работа им е да нe заштитат. Кога ќе го сфатиме тоа, верувам дека конечно и дефинитивно ќе почнеме да ги почитуваме повеќе. Тие тоа го заслужија!

Посетено 26.266 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски