Покрај тебе

pokraj tebe-naslovna_majkatiitatkoti

Покрај тебе знам дека не ќе имам страв од стареење
ниту пак смртта ќе ми биде на ум низ денот што оди
и не оти знам дал сме си пишани во ѕвездите онаму горе
или пак тука и сега патиштата ни се во обратна насока
ама знам дека одамна те имам намирисано…
и не сум мудра за да ти кажам од каде и како те познавам
можеби те памтам од оној другиот живот
и баш ми е гајле што можеби на старост ќе те сретнам
кога сета ќе бидам избраздена во ликот и побелена
оти фалтите на срцево ќе ми ги испеглаш
и тебе ете таква-никаква убава ќе ти бидам
а душава од стариот ченгел ќе си ја симнам
ќе засвети како нова да е
како руво на кое уште етикета стои
и ќе ја натнам на себе како млада невеста белиот фустан
та ќе пее пилето
ќе пее како никогаш досега што не пеело
и младоста за час ќе ми се врати
и годините наназад ќе почнат да одат само за нас двајца
за на старост, младоста заедно да ја врвиме
ти и јас молкум ќе чекориме…некаде…сеедно
рака в рака силно стиснати како ветрот да може да не’ одвее
ете толку знам со оваа моја луда глава
дека покрај тебе и јас не ќе се плашам своја да сум
и нема ич да се секирам што пишувалото ќе ми секне
оти тогаш ќе те живеам, а не како сега да те пишувам
и нема да сум осамена во молкот на моиве погребани зборови
оти не ќе ми требаат освен да ти кажам дека среќна сум
па нема повеќе фермани среде ноќ да токмам
и душава на листови хартија да ја ставам
таква гола и боса душа , како трпеза од која може
секој да се послужи
покрај тебе некако се’ ќе има смисол
па дури и безначајните нешта ќе бидат како
долго очекуван дар
живеачката ќе е посвежа, а смртта бајата ќе стане
оти па и чуму ти е животот ако не го сретнеш оној
кој можеби и не ти е пишан во ѕвездите
и чиј пат е можеби сосем различен од твојот
ама душата ти го знае и срцето ти го препознава
и ете, тие го бараат до тебе да ти биде
тука
блиску
покрај тебе
за и ти покрај себе да останеш.

Посетено 1.684 пати