Почит

[fblike]busmani_majkatiitatkoti
Кон Бушманите
кои се дел од моите гени –
секој роден на планетава ми е роднина.
Кон моите родители кои (за среќа)
не ме задоија со омраза.
Кон сите светски чуда – животот е најголемо.
Кон Сонцето кое знае што му е работа.
Кон Земјината топка која сè уште се
вртка околу него како јас околу Соња.
Кон Месечината, неисцрпната инспирација
на вљубените, а некогаш дури и на поетите.
Кон сè што е човечко, па макар гледано
и од призма на еден мајмун.
Кон уметниците кои ме задоија со убавина.
Кон вистинските музичари, зашто
музиката е една од ретките вистини.
Кон слободата, препишана од раѓање,
но ускратувана од ограничени умови.
Кон непокорните кои не мислат
на последиците,
и гордите кои не отстапуваат од своето.
Кон борците, зашто без нив и по Втората
светска војна ќе живеевме како сега.
Кон природата која е најприродна.
Кон животните, особено недомашните.
Кон сè што лета а зад себе не остава
кондензациски трагови.
Кон скромноста третирана како болест.
Кон богатите кои делат со капа и шака.
Кон сите што му се радуваат на утрото
а не пропуштаат ниту едно зајдисонце.
Кон авантуристите, но дури откако
ќе сфатат дека и спиењето е авантура.
Кон порочните, зашто животот е порок.
Кон сите кои размислуваат со своја глава –
„Можеби сум сиромав со ум, но за него
не би гласал ни во лудило“.
Кон добрината како единствен критериум.
Кон вредните, зашто јас не сум еден од нив.
Кон писателите, овде – човек да не им е во кожа.
Кон моите другари, зашто се непроценливи.
Кон сите убави луѓе кои заминаа пред време.
Им симињам капа на сите што придонесоа
да станам она што мислам дека сум сега,
нормално човечко суштество.
Посетено 655 пати (1 денес)