Писателе, Писателе

pisatele
– Чичко, чичко, вие бевте писател, така?
– Па шо знам, така викаат… Неозбилно му одговорив.
– Ве молам за помош чичко, многу ми се свиѓа една девојка, па сакав да и напишам писмо.
– Шо, уште се праи тоа? Па нели фејсбук, мејл, месинџер, м?
– Знам бе чичко, ама она е друга сорта… Мислам стварно е посебна. Не е како овие шмизливе. Има нешто возвишено во неа. Има стил, стално ја гледам со книги. И прозорчето од собата и свети до касно. Чита она, чичко. Поише и верува на хартијата отколку на овие смартфони, таблети, лаптопи. Немаат они душа. Хартијата може да се помириса, да се гушне, да се бакне…
Го загледав малку подобро… Едвај да имаше шеснаесет години.
Го прашав: – Имаш веќе нешто напишано или?
– Имам нешто нашкртано ама многу ќе ми значи ако ми дадете мислење.
– Добро, дај да видам тогаш.
Ми подаде едно згужвано писулче. Вака пишуваше:
– Госпоѓице, јас најдов неколку работи што ти припаѓаат тебе, и би сакал да те замолам ако не ти требаат да ми дозволиш да ги задржам. Ти ветувам дека добро ќе се грижам за нив. Сигурно се прашуваш што? Еве, на пример звукот од твоите чекори. Секој друг звук ќе се слушне и потоа брзо ќе го снема, но не и овој. Овој се заплеткува негде во моите завеси зад кои те ѕиркам кога поминуваш под мојот прозор. Би го препознал меѓу милион. Тебе не ти треба, бидејќи пак можеш да си го произведеш, но јас заспивам и се будам со него. Смеам ли да го задржам? Ако морам, ќе ти го вратам, но тогаш би требало да останам буден цели ноќи. Исто така, од твојот прозор пред некој ден испадна една воздишка. Среќа што бев во близина и ја задржав да не се скрши. Ја чувам на сигурно, госпоѓице. Испаднаа и неколку букви од неа. Ако сакаш, ќе ти ги вратам. Но многу би сакал да ги задржам, дека истите букви ги има и во моето име. Последното нешто што го најдов, всушност го украдов од тебе. Ти стоеше пред излогот и тогаш преку одразот од стаклото ни се сретнаа погледите. Траеше кратко, бидејќи ти веднаш се заврте и си замина. Но јас тој поглед го изгребав од стаклото на излогот госпоѓице. Жими Бога, атом по атом го составував неколку вечери, и сега е комплетен. Мене овие работи многу ми значат госпоѓице. Но ако морам да ти ги вратам, ќе го сторам тоа со тешко срце, но под еден услов… дојден е рингишпилот во другото маало. Прават од онаа розевата шеќерна волна. Сигурно ќе уживаш додека ти се топи во уста. А мене ќе ми биде голема чест ако ми дозволиш јас да ти ја купам…”
Тука веќе ми се стегна грлото… Ги голтнав набрзина солзите и му се развикав:
– Копиљ, трчи и носи и го писмово, трчи дур не сум те дигнал на клоци. Мрш оттука.
Он на мене “писателе, писателе”

 

Посетено 4.668 пати