Петар Георгиевски – Камиказа, актер и музичар: Културната мафија живее на државна сметка преку тендери

Интервјуто е објавено на 26 јануари, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1164

По подолго време, фронтменот на групата „Меморија“, Петар Георгиевски – Камиказа одлучи јавно да проговори за успесите и за сопките во неговата кариера. Во интервју за „Фокус“, сопственикот на фирмата КЛС раскажува за наместените тендери во културата, во делот на организација на настани, за компанијата што редовно победува, за нејзините конекции и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ.

Георгиевски е дипломиран артист со стаж во Суботичкиот театар и повеќе улоги во неколку телевизиски остварувања. Како музичар, пак, може да се пофали со пет авторски албуми на бендот „Меморија“. Од 1995 до 2006 година е во МРТВ, како уредник на забавната редакција на музичката продукција, а потоа и како помошник генерален директор за програма.

Разговарала Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Долго време ве немаше и кога дојде „живот за сите“, одржавте маестрален концерт на „Меморија“. Каде бевте овие 12 години, што правевте?

ГЕОРГИЕВСКИ: Последните 6-7 години се „занимавав“ со успешна аматерска атлетска кариера. Почнав да трчам полумаратони и маратони насекаде низ светот за да можам да си ги исчистам баговите во главата што ми ги создадоа сите овие претходни години од живеењето. Кога наполнив 50 години, тоа значи пред 6-7 години, малку повеќе се свртев кон себе. Мојата фирма КЛС во овие 11 години претежно живееше од креатива и целосно осмислување и организација на настани, бидејќи тоа е нешто што за другите е непознаница, па така успеавме да ги пребродиме овие кризни години.

ФОКУС: Кога велите „кризни години“, што подразбирате под тоа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Голем дел од работата во нашата област е во директна надлежност на институциите и организациите на културата под државна капа. Во годините кога увидовме дека и покрај квалитетот што е потврден од многу наши клиенти, фестивали надвор од Македонија (Сараевски џез фестивал, Мјафт-Албанија, Нишки џез-фестивал…), како и последниот концерт на „Меморија“, кој според сите оценки ги достигна светските стандарди, сепак не ни успеа ниедна варијанта да проработиме со државните институции, едноставно се откажавме од обидот за работа со државата.

НАМЕСТЕНИ ТЕНДЕРИ

ФОКУС: Зошто немавте шанси да работите со државата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Во 99 отсто од проектите не можевме ни да припариме поради условите што се диктираа и тендерите што беа однапред наместени. Но, кога пред три години син ми магистрираше со десетка на државниот љубљански Економски факултет на англиски јазик, донесе нова свежина во компанијата. Ми вели, сега ќе почнеме да ги добиваме сите тендери, само остави јас да си ја работам работава како што знам и како што ме научија на факултет, цените да ги намалиме и сѐ ќе биде како што треба. Се обидов да му објаснам дека веќе сме го пробале тоа, но за да не го обесхрабрам, тргнавме во освојување на невозможното.

ФОКУС: И не успеавте?

ГЕОРГИЕВСКИ: Сите тендери што Христијан се обиде да ги добие, ги изгубивме без разлика што ние сме апсолутно по бонитет една од водечките компании во нашата дејност, секогаш одново измислуваа некои нови критериуми и правила на оценување, па така лека-полека, Христијан почна да губи надеж. Еднаш-двапати и се жалевме на комисиите, на негово инсистирање, но ништо не успеавме да смениме, и на крајот кренавме раце, па се свртевме кон пазарите на соседните земји, каде што делумно успеавме да ја покриеме неможноста да работиме во сопствената држава.

ФОКУС: Зошто не тужевте, зошто не излеговте во јавноста?

ГЕОРГИЕВСКИ: Времето нѐ газеше од ден за ден. Ќе ти останат и другите работи недовршени ако во тоа време се занимаваш со правниот систем, за кој е познато како функционираше. Воопшто не ми е криво што сум го изгубил тоа време по тие тендери, криво ми е дека го „изгубив“ Христијан и неговиот ентузијазам, бидејќи јас како татко сметав дека ќе продолжи со успешна работа во семејната фирма.

ФОКУС: Се разочара ли син ви од „бизнис“ климата овде?

ГЕОРГИЕВСКИ: За жал, неговото разочарување беше големо, а јас му реков дека треба да се свртиме кон директната продажба како опција, а клиентите ќе знаат да ја препознаат професионалноста на нашата компанија. Тоа во неколку наврати му успеа, но не доволно за да го задржам во Македонија. Ете затоа сега најмногу проговорив, за да не ги изгубиме и другите деца и да им го убиеме ентузијазмот и сонот за подобра Македонија. Христијан замина во Америка, во Конектикат и сега работи како асистент менаџер за „ивенти“ во најголемото казино, во кое се вработени 11.500 луѓе. Јас вложувам сериозни напори тоа негово патешествие да заврши и да го вратам назад во татковината…

ФОКУС: Од што живеевте овде ако не сте добивале тендери? ГЕОРГИЕВСКИ: Како што пред малку реков, малку се преигравме во компанијата, а во еден момент ќерка ми Кристина донесе нова свежина со организација на свадбени прослави и на тој начин придонесе да не се почувствува драматично разликата од претходните години. Со други зборови, точно нејзината интуиција и снаодливост ѝ помогнаа на компанијата во најтешките моменти да опстане.

ОСМИСЛЕНИ МАХИНАЦИИ

ФОКУС: Но, сепак, синот ви заминал.

ГЕОРГИЕВСКИ: Јас не сакам да го гледам тоа како заминување! Тоа го третирам како привремена работа на „дошколување на карактер“ и добар мотив да научи малку како функционира еден сериозен капиталистички систем.

ФОКУС: Како функционира кај нас системот со вашата дејност?

ГОРГИЕВСКИ: Има една компанија, која се вика ДВД Пет и која ги доби сите тендери на културните институции и фестивали, почнувајќи од Универзална сала, преку МНТ, МОБ, Охридско лето и сите други.

ФОКУС: Тоа е договарање во четири очи или учествувате сите, па секогаш таа фирма победува?

ГОРГИЕВСКИ: Нема што да учествувате на нешто што е договорено.

ФОКУС: Од каде знаете дека е договорено?

ГЕОРГИЕВСКИ: Е па како, ако ги добиеш сите тендери, не е договорено? Ќе остане некој прозорец, едно нешто ќе остане и за другите. Но, овде ништо не остана за никој друг. Тоа во суштина наликува на културна мафија, која е невидлива. Сумите не се преголеми. Се работи за околу два милиони евра годишно, пари со кои можеше достојно да се презентираме пред домашната и светската јавност доколку сите културни манифестации не беа покривани од една компанија, која работите ги завршуваше под сите технички стандарди и критериуми.

ФОКУС: Груевски сакаше блештаво, големо, мегаломанско, зошто во врска со такви некои „ивенти“ би одел на осреден квалитет?

ГЕОРГИЕВСКИ: Многу просто. Кога сакаше да биде блескаво, пулените на Груевски земаа фирми од надвор, т.е. од соседна Србија, кои имаат сметки во даночните раеви. И види чудо, повторно ДВД Пет како домашен подизведувач. Без разлика дали е изведувач или подизведувач, повторно на терен истата компанија. Значи, сите махинации добро ги осмислиле. Кога не можеа да се справат со потпросечниот квалитет, напомош доаѓаа браќата од Србија. Ние што можевме да одговориме со сето свое знаење и техничка опременост повторно бевме… како доказ, еве го последниот концерт на „Меморија“, кој е оценет како светски од секој аспект: организација, озвучување, светло, видео и сѐ што прави една приредба да биде на врвно ниво. Арно ама…

ФОКУС: Споменавте културна мафија. Кога се создаде таа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа е уште од времето на Дом на млади, од времето кога беа зачетоците на македонската поп и рок-музика, во доцните 1970-ти и почетокот на 1980-тите години на минатиот век.

ФОКУС: Вие тогаш бевте во младинска организација?

ГОРГИЕВСКИ: Да, бев советник за култура на три тогашни претседатели на Градската младинска организација. Еден од нив ме предложи за вработување во тогашниот Дом на млади како извршен продуцент за настаните. И покрај сите можни препораки што ги имав од претходните претседатели, истата таа културна мафија, која тогаш почна да се гради на чело со Мирко Стефановски, направи сѐ преку тогашниот Социјалистички сојуз, кој беше над Младината, да не можам да припарам во Дом на млади. Без разлика што во тоа време имав еден куп признанија за сработеното преку организирање на Денот на младоста, Млад отворен театар и еден куп други активности со кои сум придонел за збогатување на културниот живот во земјава. Тогаш сум имал 22-23 години и бев студент на Факултетот за драмски уметности.

ЛЕСНО МИ ЛЕПЕА ЕТИКЕТИ

ФОКУС: И не се вработивте во Дом на млади?

ГЕОРГИЕВСКИ: Направија сѐ за да не ме примат на работа. Овој ист лик подоцна стана директор на Скопско лето или како тогаш се викаше Културно-просветна заедница на Скопје.

ФОКУС: Која е конекцијата на Мирко Стефановски со ДВД Пет?

ГЕОРГИЕВСКИ: ДВД Пет, всушност, е компанија, која произлезе од Скопско лето кога директор беше Мирко Стефановски. Првите пари за техника ги добија во времето кога Ристо Пенов како градоначалник им даваше пари за одржување на Скопско лето, ама и за купување техничка опрема. Едната година, чинам, осум милиони денари, другата нешто повеќе. По две-три години техниката ја издвоија од Скопско лето формирајќи приватна компанија, на чело со Здравко Кочишки, вработен во Културно-просветната заедница. Новата компанија со 15-20 милиони денари стартен капитал во опрема можеше да си дозволи на пазарот да понуди цени што се смешни. Потоа, бесплатно ги користеа магацините во МНТ (сега МОБ) со години за време на сите власти, а за последните 11 години, братот на Здравко Кочишки стана директор на техника на МОБ, а претходно работеше на билетарница.

ФОКУС: Но, постојат и други културни институции.

ГЕОРГИЕВСКИ: Е, истовремено, во другите културни институции како Универзална сала, а и Младински културен центар директор беше Гоце Димовски, кој имаше слични манири и, исто така, имаше блиски врски со ДВД Пет и со Стефановски, кој, пак, стана директор на МОБ, благодарение на добрите конекции со Пенов и ЛДП. Кога нашата компанија КЛС требаше да влезе да работи во таа зграда, еднаш во две години ни броеја колку кабли влегуваат и колку излегуваат, нѐ замајуваа со куп формалности. За разлика од нас, ДВД Пет во објектот влегуваше и излегуваше кога и како сака, а внесуваа и изнесуваа што сакаат. Згора на сѐ, истиот директор постојано го нудеше ДВД Пет за соработка на сите надворешни странки, кои го бараа просторот за изнајмување, како приоритет со кој нема да имаат проблеми од никаква природа.

ФОКУС: Добро, но како тие едни исти луѓе допираа до сите политички структури?

ГЕОРГИЕВСКИ: Е па, едниот беше близок до СДСМ, другиот беше близок до ЛДП, а која во тоа време беше во коалиција со ВМРО, значи цело време тие имаа по некој во структурите на власта, се протнуваа на мала врата и успеваа сите овие години да ја држат во потпросечност македонската култура и фестивалите.

ФОКУС: Со кој си близок ти сега?

Целото интервју на Петар Георгиевски – Камиказа објавено во ФОКУС прочитајте го  ТУКА

   ИЗВОР

Посетено 946 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!