Печурките и Асистентката

galicica-naslovna_majkatiitatkoti

Рани деведесети, јас млада асистентка одам со студенти на терен на Галичица. Дента собираме печурки и вечерта фрламе јака софра. И печурките нормално. По некое време Пени позеленува. Панично влегуваме во “тристачот” и правац – Отешево. На докторката и’ викам: ” Се сомневам на труење со печурки”. Таа: “Немам ни атропин ни инфузија”. Браос! Бришкаме накај Битола. Пени повраќа низ прозор, а на Зоки почнува да му се лоши. Душа немам! Стигаме во болницата во Битола. Трчам кон ургентниот центар и се дерам панично: ” Брзоооо, помооош”. Се појавува болничар. Не’ носи кај дежурната лекарка.
-“Што се случи”
-“Печурки”
Веднаш ги легнуваат, инфузии во две раце, боцки во мускул, легенче за повраќање и “гуска”.
-” Тебе ти се лоши”
-“Не знам. Не. Страв ми е”
-“Што друго јадевте”?
-“Се’ и печурки”
-“Кои”?
-“Macrolepiota-сончарка, ваљда. Очигледно – не”.
Ја вади книгата Токсикологија. Листаме заедно и се паничиме. Лекарката вика -“Можеби не е од печурките”.
По некое време овие двајцава, откако ги исфрлија токсините од сите страни, живнаа. Почна да им се враќа бојата. Уфффф….
Рамбо1 и 2 преживеаа што преживеаа и заспаа. Сега мене што да ми прават!? Ги фати жал да ме остават да спијам на клупа и ме легнаа во болничка соба. Вака – така си заспав. Сабајлето влегува сестричката и ми носи млеко. Си го испив и продолжив да спијам. Ме разбудија звуци. Визита! 🙂 А бе ајде! Објаснувам дека случајно спијам тука, дека грев.
И така живи, здрави и папсани не’ отпуштија.
Бруки големи ако ги утнавме печурките 🙂 А можеби не беше труењето од печурките. Којзнае.

Ниеден лик не е измислен. Ако се препознаат нека се огласат.

 

Посетено 1.638 пати