Ова се органските кремови и слатки намази ‘Леска’ на Пеце Клечкароски

Сакате ли органски, миљарда посто природен крем или некој друг сладок намаз?

Башка, македонски бре, нема увоз, не сецка и не бара јава.

Епа ако да, тогаш контактирајте го Пеце Клечкароски, мајсторот којшто ја компонира оваа магична фузија од лешник, мед, чоколада и уште 100 работи за којшто ни објасни во продолжение. Производите ги вика ‘Леска’, а што се има на репертоарот, може да прочитате подолу…

 

“Леска” кремови се домашни намази од лешник изработени од квалитетни и локални лешници. Палетата од различни вкусови постојано се зголемува, а моментално постојат осум видови: Путер од лешник, Црн (чоколаден), Бел (со бело чоколадо), Црн и Бел во посна-диетална варијанта, Лешник-Тиква, Лешник-Ф’стак и Лешник-Карамел. Путерот од лешник е основа за сите намази.

 

– Путерот од лешник како посебен производ претставува околу 95% чиста лешникова маснотија добиена со долго мелење и пасирање на лешниците. Се карактеризира со густа и леплива текстура (за разлика од другите намази е малку потечна), има силна лешникова арома, а вкусот е сладок со мала солена нота. Овој намаз е доста хранлив и претставува одлична состојка во здравата исхрана. Состав: Печени лешници, малку млечен путер (или кокосово масло доколку не конзумирате млеко и млечни производи), мед и сол.

 

– Црниот намаз е чоколадизиран со квалитетно темно чоколадо и малку какао. Состав: Путер од лешник, млечен путер, темно чоколадо, какао, млеко, ванила, шеќер и малку сол.

 

-Белиот намаз е чоколадизиран со квалитетно бело чоколадо, а спојот од лешник и ванила му даваат пријатен вкус и арома. Состав: Путер од лешник, млечен путер, бело чоколадо, млеко, ванила, шеќер и малку сол.

 

– Посните односно диеталните црни и бели намази претстауваат растителна варијанта и се идеални за вегани или за сите што постат заради религиозни причини, а исто така се многу поздрава алтернатива. Посебно се издвојува белиот посен намаз со неговиот спој од лешник и кокосово масло. Состав: Путер од лешник, кокосово масло, соја млеко, ванила, јаворов сируп, малку мед, малку сол и зависно од видот има темно чоколадо или посно бело чоколадо.

 

– Лешник-Тиква се карактеризира со типичен зимски комфортен вкус, а спојот од лешник и печена тиква е изненадувчки добра комбинација. Состав: Путер од лешник, печена тиква, млечен путер, млеко, ванила, цимет, ѓумбир, каранфилче, малку бело чоколадо, мед, шеќер и малку сол.

 

– Лешник-Ф’стак е деликатес кој што освен на путер од лешник, се базира и на путер од ф’стаци. Овој намаз е вкусно лудило со зелено-маслинеста боја и често е омилен меѓу купувачите. Се карактеризира со густа текстура и уникатен вкус во кој се чувствува малку солена нота. Состав: Путер од лешник, путер од ф’стак, млечен путер, малку бело чоколадо, млеко, ванила, шеќер и сол.

 

– Лешник-Карамел е одличен вкус добиен од домашен карамел. Состав: Путер од лешник, домашен карамел, млечен путер, ванила, шеќер и малку сол.

 

“Леска” намазите можете да ги конзумирате намачкани на потпечен леб, со палачинки, како прелив за овошни салати, како фил за разни торти, слатки, суфлеа, полнење кроасани итн.

По договор постојат разни варијации на сите видови, на пример посните не мора да бидат посни па наместо соја млеко може да се користи регуларното млеко а вкусот на лешник и кокос да остане непроменет.

Нарачката и доставата зависи од личниот договор со купувачот. Контатирајте го Пеце тука.

Посетено 2.058 пати