Ода за лудоста

ludacka kosula_majkatiitatkoti

Сакам да полудам…
ама онака убаво,
со сите тертипи,
со дијагноза уредно свиткана во паричник,
како ливче со крвна група и RH-фактор.
Да станам наутро…
со мрсни бои да си го насликам кошмарот на ѕид,
да облечам долг фустан,
црн, со тантела
и боса да зачекорам во денот.
Сакам да појдам на врв на оние,
високите кули во Градски ѕид,
да стојам на работ и да го плукнам градот одозгора,
да знам дека ми се може да скокнам, ама неќам
оти повеќе ми се сака да сум жива…
и луда.
Потоа сакам да седнам некаде и да пијам топло чоколадо,
да си заминам со чоколадни мустаќи,
попатно да им се плазам на сите оние кои ќе се потсмеваат,
или ќе нишкаат со главите,
небаре гола сум прошетала.
И еве ме дома повторно…
ќе ја наполнам кадата со сапуница,
сосе фустан во неа ќе влезам,
ќе запалам цигара, ќе наточам чаша бело вино,
ќе го измијам денот од себе.
Сакам да сум доволно луда за среде кошмар да
станам од кревет и со авторитативен глас да речам “СТОП КАДАР”,
да си нарачам нов сон,
да ми стаса на домашна адреса со платена поштарина
и на раат да си легнам вечерта.
Сакам да сум доволно луда за да ти верувам
кога велиш дека се’ ќе е добро,
да го снема чувството што ми ја нагризува утробата
дека ќе ме болиш повторно…и повторно.
Сакам да сум доволно лудо храбра,
за да напишам песна за сите мои луди пријателки,
прекрасни жени со тага во душата,
насмевка на карминисаните усни,
сите оние кои се најгласни и највесели кога умираат во себе,
сите кои во себе ги носат и плаќаат туѓите гревови.
Сакам…многу го сакам моето лудило,
ми треба…
грчевито се држам за него…
за да останам “јас”…
за да останам нормална.

Посетено 1.237 пати