Неосетно старееме еден покрај друг

postela_majkatiitatkoti
И години ќе минат
Неосетно ќе не’ жигосаат
По косите и кај очите
Со бели влакна и пајажинести смејалчиња
Со уште по некоја болка во зглобовите
И терсене табиет
Неосетно старееме еден покрај друг
Навикнати на мирисот на оној другиот
До толку
Што веќе не се душкаме ко кутриња
А и допирот си го знаеме
Толку долго и толку добро
Што веќе не се ни допираме
Се пулиме еден во друг драги мој
Само што веќе ништо еден кај друг не гледаме
А паметам
Паметам колку сама на себе убава си бев
Ко во твоите ѕрцала ќе се видев
И колку љубеше кога ти во моите
Својот одраз ќе го најдеше
Неосетно далечни стануваме
А во иста постела телата ни лежат
И веројатно во текот на ноќта ни се допираат
Ама ниту ти
Ниту јас паметиме
Освен тапото чувство на загуба
А не знаеме по што
И тага
За која одамна не бараме причина
И малку
Сосем малку лутина
Што си дозволивме да се изгубиме
Што низ денот на мене не ти текнува
А ниту пак јас гласот ти го посакувам
Малку лути еден на друг
А некако појќе секој сам на себе
Што повеќе ништо не си делиме
Ниту среќа, ниту бол
Ниту радоста заедно ја живееме
Ниту пак тагата не’ зближува
Та се смееме секој на своја страна
И тагуваме со нечии туѓи сочувствителни погледи
Како странци
Како стари и огорчени старци и странци
Кои со години на истиот семафор зелено чекаат
Та од немајкаде ќе се поздрават
Со едно благо климање на главите
Ете такви станавме
Кога на куќниот праг се сретнуваме
И не знам дали повеќе ме боли твојата рамнодушност
Или пак мојата помиреност ми е пострашна
Само знам дека се’ повеќе време ми треба
На нас да се присетам
Како времето киретажа на љубовта наша да направи
Полека
Тивко
Како на некои други двајца да им се случи
На некои кои не ги познаваме
А кои пред очи ни умираат
Неосетно
Сосем неосетно
Ко ние да не сме 

Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор

(Посетено 892 пати, 1 денес)

Поврзани Статии

Оставете одговор

*