595х90 px-01

Нема ништо возвишено во мојата болка

tazna devojka-pocetna_majkatiitatkoti[fblike]
нема ништо возвишено во мојата болка
не е како во филмовите
нема горделивост во неа
не е срцепарателна
ниту грам уживање
ниту пак е полна достоинство
мене болката ми вреска
како поулавена
како навлечена лудачка кошула
реви како животно во кафез заробено
полна немоќ
грчење
зариени нокти во месо
ми излегува од сите пори
ми го дроби телото
ме поболува
ми ја ситни душава
ми го спушта небото над глава
како да тежи врз мене светот
како кожата на плеќиве да ми пука
како во мене одрон од коски да има
крвта започнува да запира
и ми се лади срцето
со по само неколку “туп” во минута
а здивот ми се скусува
и нема воздух кој ќе може градиве да ги наполни
нема ништо проклето романтично во мојата болка
и не
не се умира од неа
само ете престанува се’
нема бои
ниту мириси
вкусовите како никогаш да не постоеле
како анестезирано тело
кое на допир ништо не чувствува
дури ниту сопствената кожа
која е како мрша од убиено животно
туѓа и ладна
нема ништо трогателно во мојата болка
оти јас солзи немам
ниту пак на ликов се познава
чекорот ист ми е
лесна сум како пердув
со главата во облаци
со полунасмев на усните
нема ништо
ама баш ништо вознемирувачко во мојата болка
и еве
можам дури и да зборувам за неа
како да раскажувам за случка од минатото
на која сите ќе се насмееме
и по една мала грутка горчина ќе подголтнеме
и очите едни од други ќе си ги криеме
оти таму
таму болката секому живее
Посетено 743 пати (1 денес)

595х90 px-01