Не знам колку трае една љубов

-PHOTO TAKEN 03NOV05- A flock of migrating cranes flies at sunset near Linum village in eastern Germ..

не знам колкав е патот
од љубовта до омразата
ниту колку треба за човек
во душата да ти се вгнезди
а не знам ни колку ќе измине
дур како птица преселница оттаму излезе
и јатото свое си го најде
не знам колку изврвевме
или уште колку можевме боси по трње да одиме
ниту пак знам кога ќе мине
па си велам
ако е пишано да боли, ќе боли
идното време и онака е бесполезно
кога сегашноста ти го меле мозокот
не знам ништо
и одговори не барам
со надежи умов не си го трујам
само така
ете, деновите ги бројам
некогаш почнувам од мигот кога те сретнав
а некогаш од нашето збогум
и некако исти ми се гледаат
на пола пат веќе во спомени се губам
па кревам раменици
и вино си точам
потсмешливо отпивам
небаре вистината ја пијам
и оставам да затапиш во мене
те потонувам во мали голтки
те гушам со чад од цигари
и пак си го лажам умот
дека утре ќе е поарно
кога веќе денес не беше
дур сон не ме фати
за во него да ми дојдеш непоканет
и да заседнеш без усул
за сабајлината болна да станам
и денот уште непочнат да го мразам
еве
не знам
не знам колку трае една љубов
ниту нејзиниот погреб
дали како кај умрените 40 дена се вадат
или можеби годината се чека
еве, не знам
не знам
не знам

Посетено 4.872 пати