Навикни се да ја нарекуваш “Онаа”…

Види ја брат, колку ослабнала, како модел е направена, кога беше со мене не се средуваше толку, јас не и дозволував, и викав убава си природна, а се вртев по оние вештачките по улица држејќи ја нејзината рака.

Од време на време ќе ми ја пуштеше во знак на лутина, но баш ми беше гајле, а види ја сега, нема шанси да ми даде рака мене она повеќе, таа одамна знае какво гомно сум јас.

Штом знае, брат навикни се да ја нарекуваш онаа, навикни се да ја нарекуваш никоја.

Како можам да се навикнам да ја нарекувам онаа, никоја, кога некогаш беше онаа мојата?

Таа што секогаш ми прогледуваше низ прсти како што јас и прогледував низ коса, гушкајќи ја и намигајќи им на другите девојки позади неа.

Што ли си мислев, дека сум фраер?

Сите тие беа пролазно срање, но таа, таа беше ОНАА што остануваше со мене секогаш кога тишината на друштвото ќе надвладееше, ОНАА што ме дружеше кога останував сам, ОНАА што ме сакаше безрезервно, а јас секогаш имав резерва во случај да замине или да ја избркам.

Ова второто го правев често, но нема да замине засекогаш си викав, ме сака, ќе се врати.

Последниот пат сама си отиде…

Без да ја избркам, стана од кафулето, го плати кафето за двајцата и замина, секогаш беше таква самостојна, независна, затоа можеби и ми се допаѓаше, но не ја сакав, ја засакав кога ме напушти.

 

Ќе ја нарекувам брат, онаа, можеби, но ОНАА што ме сакаше и кога се мразев, ОНАА што беше тука за мене кога сите ме напуштаа, ОНАА што имаше срце големо колку мојот камен во градите, ОНАА со топол поглед, топејќи го мојот вештачки секогаш кога ќе ме натераше да ја погледнам во очи и да и кажам дека не ја лажам.

Започнував да тепкам, да трепкам, но знаев дека знае, секогаш се правеше дека не разбира, но разбираше се, ме разбираше и кога сам не се разбирав.

Ќе ја нарекувам ОНАА што ја изгубив и никогаш нема да ја добијам повторно, ОНАА што замина и никогаш нема да се врати повеќе, ОНАА вештачката по која сега ќе се вртам држејќи за рака невино девојче на нејзино место.

Ќе се навикнам да ја нарекувам ОНАА ВИСТИНСКАТА за некого – некогаш, бидејќи за мене, нема да биде веќе никогаш!

Посетено 22.638 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!