Место со душа: Радовиш

Рибник Таушанови, Радовиш 
На само 5 минути возење од центарот на Радовиш, во срцето на популарните радовишки “башчи“, се наоѓа едно мало парче земја претворено во рај. Ова место со душа, многу повеќе душа отколку што е дозволено, му е омилено на газдата мој, а особено мене. Тука се запознавме, тој и јас. Оној ден, кога мајка ми ме остави на прашливиот пат, и ми рече сама да се снаоѓам во животот, беше најтажниот ден за мене. Но само после неколку часови талкање низ шумата, истиот тој ден стана и мојот најсреќен. Ако е воопшто среќа тоа – првиот хомо-сапиенс што ќе го сретнеш во животот – да биде газдава мој. Таа вечер падна и неговата одлука – да ме земе со себе во големиот град. Тука за прв пат пробав паштета, млеко од тетрапак, торта и тазе риба без коски. Тука прв пат слушнав музика. Оти кога ќе се спојат дедо Славе, чичо Мачка, тетин Дејан и стрико Џамши, па и газдава мој – животот ептен се претвора во музика. Тука научив да го сакам животот. И да му се радувам. Тука во овие бавчи, јас станав Бавчанска
Поврзани статии: Рајот над Кочани, Хотел Градче

Посетено 11.993 пати