Каде на друго место?

Каде на друго место?
– Каде на друго место земаш плата 10.000 денари, плаќаш режиски трошоци – вода, струја, ѓубретарина, телефон со 5.000 и 4 усти раниш со преостанатите 5?
– Каде на друго место ги шеташ и Тинекс и Веро и Кам и Зур и Рептил пред да купиш прашок за перење зошто некаде истиот прашок е за 5 денари поефтин?
– Каде на друго место го вртиш цело Зелено пазарче или Бит пазар пред да си купиш само 1 килограм пиперки, повторувајќи го прашањето „Колку ви се пиперките?“ најмалку 20 пати на 20 различни тезги?
– Каде на друго место носиш скинати доколенки кои чинат само 15 денари, шиеш дупки во чорапи 3 за 100 или ги носиш распар?
– Каде на друго место земаш пензија 6.000 денари, 3.000 даваш за лекови, 1.000 на внучето и цел месец живееш со преостанатите 2?
– Каде на друго место од 200 грама пилешко месо правиш 4 стека од кои секогаш, по некоја случајност, барем 1 ти останува и за утре?
– Каде на друго место 5 пати се враќаш во истата продавница двоумејќи се дали да си купиш маица за 100 денари, па се ценкаш и се радуваш кога ќе ти ја спуштат на 90?
– Каде на друго место секој петок јадеш грав, тенџерето го полниш за да има и за сабота и готвиш во 2 сабајле зошто само тогаш има ефтина струја?
– Каде на друго место можеш со волку малку да преживееш, тоа малку доста да ти е и задоволен да бидеш од животот, само затоа што има луѓе кои немаат ни толку?
– Каде?!

Посетено 3.304 пати