Интервју со Драган Таневски: “Децата се професори по љубов”

Ексклузивно интервју со познатиот писател Драган Таневски
dragan-intervju_majkatiitatkoti
Малкумина современици ќе бидат запишани во големата книга
за македонските дела. Драган Таневски со извонредното
интелигентно писателско перо си обезбеди страници во неа.
Баркод.мк: Како за почеток открите нешто за повеќе за Вас. Кој е Драган Таневски ?
Обичен човек. Паталец.
Баркод.мк: Кој е вашиот жанр на пишување во кој сакате да бидете препознатливи ?
Немам одреден жанр. Тоа е, знаеш, како секојдневието. Ќе те здоболи нешто или ќе ти се случи нешто убаво. Така е и со пишувањето. Не те прашува ништо, само те тера да го земеш перото и се појавува текст на хартијата.
Баркод.мк: Кое е вашето прво дело ?
Урбани херои – инспирациски роман
Баркод.мк: Каде ја пронаоѓате инспирацијата за ваквите прекрасни дела ?
Човек кога ги користи сите сетила, инспирација има насекаде. Од обични, најсекојдневни нешта, до големи судбински предизвици.
Баркод.мк: Се радувате ли што македонската публика ги сака вашите книги ?
Кога почнав да пишувам, слушав постојано коментари во стилот: „Не се мачи, кој чита во Македонија.“ Но сега од оваа инстанца, со пет издадени книги, од кои повеќето веќе се отпечатени во петти тираж, можам со сигурност да кажам дека во Македонија СЕ ЧИТА. И тоа многу се чита. Сретнав луѓе жедни за утеха, за мотивација, за пријателски совет. Оваа работа ги премина границите на некој стерилен однос писател-читател, и премина во создавање на едно големо семејство. И среќен сум што можам да бидам дел од тоа.
Баркод.мк: Според Вас може ли писателите да влијаат за подобра сегашност ?
Во секој човек живеат две битија – телесно и духовно. Духовното е посилно. Џин е. И само духовното може да направи промени. Ама му треба храна. Храната на духовното битие се вика мотивација. Го храниш човекот со мотивација и тој потоа прави промени. Е, тоа е работа на писателите.
Баркод.мк: Kога не пишувате, што правите, што Ве прави среќен ?
Имам три деца. Најмалото има неполни 8 години и е вистинска беснотија. Тој ме прави најсреќен. Секоја секунда помината со него е школа за мене. Учам многу од него и неговата ангелска душа. Верувајте, децата се професори по љубов.
Баркод.мк: Кој е Вашиот рецепт за успех ?
Мојот рецепт е – осмели се, а потоа издржи. Дека нема да биде лесно. Најди ги вистинските вредности, и потоа животот вложи го во нив. Дека често се случува луѓето да промашат во тоа, и на крај да сфатат дека иако имаат многу пари во банка, всушност се тешки сиромаси. Тоа го сфатив. Оној што мора да моли за малку љубов и внимание, тој е сиромав.
Баркод.мк: Може ли да го издвоите најубавиот коментар од читателот, кој највеќе допрел до Вас ?
Многу ми е тешко да издвојам. Но еве – една моја читателка ми кажа какво прашање и поставила нејзината 14-годишна ќерка – „Мамо, овој Драган Таневски навистина ли постои?“
Баркод.мк: За крај каква порака би им порачале на нашите читатели ?
Дечки, вас не можам многу да ви солам памет. Ама од мојава скоро петдецениска километража сфатив дека она што го давате на другите е инвестиција. Давате многу љубов – добивате многу љубов. Затоа, немојте да помине ден, минута, секунда без да сакате. И тие што ве мразат сакајте ги. Дека темнината не се победува со темнина, нели?

Ексклузивното интервју со познатиот писател Драган Таневски
го водеше Баркод.мк

winner-Life_RZ
Посетено 1.341 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!