Има нешто гнило во државата Македонија!

Ударна вест е ова со расфраланото ѓубре во студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода, според мене еден од најубавите студентски домови. Иако архитектурата на Гоце од секогаш ме воодушевувала, само што, за жал, внатрешноста негова е како расипана овошка со преубав надворешен изглед… Трула…

Нејсе, проблемот е нашето воспитание. Општо на Македонците. Не влагам во дискусија дали некој е роден Скопјанец, староселедец или доселеник од внатрешноста, зборувам за нашата култура односно некултура. Добро бе, вака ли во Европа? Ма, нас до една Србија не’ не собира, а не пак подалеку…

Знаете ли дека во Србија може да ви стане млад човек за вие да седнете иако во години сте можеби и помлади? Знаете ли дека ќе ви помогнат со багажот ако не можете? Особено ако тежите со се кревет и влечете куфер потежок од вас… Мене тоа ми се случи минатото лето, и што… Чинот им падна? Круните им паднаа на девојките? НЕ!

Кај нас можно е да те исмеат ако одвај се движиш, пензионерите ќе летаат со брзина на светлината да ти го заземат местото или ќе ц’цкаат ако веќе си им го заземал престолот… А, нели од постарите требаше да учиме? Пред едно 7-8 години за малку ќе се онесвестев во автобус, никој не потстана да седнам малку да се приземам… Зошто? Па, млада сум јас, де… Има да стојам и точка. До онесвестување. До колабирање. Хард кор!

Потоа на ред е секако ѓубрето, повторно оф топик, иако претходните точки беа поврзани со нешто што ги поврзува – домашното воспитување. Вие кралеви и кралици, што не сакате да го вознемирувате принцот или принцезата да го фрли ѓубрето, го стварате ова! Неспособни идиоти кои не можат да го мрднат газот до контејнерот пред да отидат до продовница, всушност колку па тие оделе во продавница? Вие пазарите, вие им купувате дури и цигари, само децата да ви уживаат и да ви учат. Ептен измачени души се! Па, после кога ќе излезат од домовите го прават ова! Мизерија!

Има до душа секаде вакви имбицили, што го оставаат ѓубрето пред врата и труе цела зграда на расипани продукти, а да не зборам на лето… Тоа е страшна смрдеа… Но, и на нив им засмрдува па си го фрлаат по извесно време. Ама секој од некаде зема пример, па така некој тоа наравучение си го применува така што си фрла од прозорец право доле.

Нормално „НЕ СУМ САМО ЈАС, И ДРУГИТЕ ТАКА ПРАВАТ“ ќе го слушнете едно милион пати. Типичен Балканец. Зошто јас да се променам, глупости!

Да сум разочарана не сум, пораснав со деца кои ’ркаа насекаде, фрлаа разни опаковки од јадења по училниците и училишните дворови, лепеа мастики по стоплчиња, под клупи… И тоа ако на време не се искорени, се поврзува како мастиките за цвакање што ги лепеле од второ одделение.

Мајка ми од мала ме научи да ја полнам ташната со триста книвчиња, опаковки, најлончиња ако не најдам канта во моментот и не ми е криво. Утре здравје, и јас ќе ги „терам“ моите да ги пикаат по џебовите, ќе им го оставам и во аманет. Зошто така баба ми ја учела мајка ми, мајка ми мене, јас нив, а тие нивните деца. Така се ствара домашна култура. Така се воспитуваат деца. А, не со: „Седи мама, јас ќе средам.“

Само знаете што? Истите овие утре ќе се вработат негде и ќе ги врбуваат хигиеничарките за чистота и смет наоколу, ќе се жалат по институции што ѓубрето го расфрале домашни животинки, ехее… Па, сето тоа ќе води кон триста други проблеми…

Патувај и ти Балкане, остави не’ нас… А, за тебе Европо, уште многу долго ќе се „калемиме“….

Посетено 357 пати