Икона

ikona-naslovna_majkatiitatkoti[fblike]

Реки народ кон црквите. И старо и младо. Со торбички во рацете… Кој зејтин, кој пешкир, кој и едното и другото. А парички – секој. Не се оди во црква без парички. Срамота е. Не можеш свеќа да запалиш, се наплаќа. Не можеш пред икона да се прекрстиш и помолиш, се остава… Јас си имам дома мала икона од Богородица. Мајка ми ми ја поклони, за да ми ја доближи, бидејќи избегнувам во црква да одам. Не можам ли пред неа, пред мојата икона, да си се прекрстам и помолам? Ќе ме чуе ли? Ќе ми ги услиша ли молитвите за среќа и здравје? Живее ли по домовите на верниците или само црквата е нејзин дом? Се прашувам понекогаш, ако бил толку голем Синот нејзин, замислувајќи го онаков каков што велат дека бил, слабичок, скромен, босоног, зарем аманет би оставил по него и за него велелепни и раскошни цркви да се градат? Зарем би сакал да живее во таков дом додека милиони луѓе страдаат и умираат од студ и глад? Зарем би избрал неговите пратеници на земјата пари од народот за молитви да собираат, скапи часовници да носат, џипови да возат? Не верувам… Се ми се чини дека вербата на народот во НЕГО откако воскреснал и заминал на небото, некој на земјава ја искористил… меѓу останатото, и за сопствено богатење.
Пред очите ми се баш сега црковните помошници. Сум ги видела неколку пати… во оние колички за мешање малтер што се буткаат на рака, ги изнесуваат шишињата зејтин и пешкирите. Никогаш не дознав каде ги носат? Каде ги складираат? Би било добро во народните кујни да ги донираат шишињата зејтин за готвење, пешкирите да им ги разделуваат на бездомниците и сиромашните, со собраните пари од иконите храна и ќебиња да им купуваат. Ама се си мислам, дека народните кујни на вакви празници воопшто и не работат? Нели би ви дошло малку како утеха, да си знаете, дека она што во црква сте го оставиле, завршило во рацете на сиромашните? Нели така помирно би спиеле?
Е кога тоа со сигурност ќе го знам… и јас ќе одам. Тогаш барем нема да ме гризе совест дека со моите пари имам удел во купувањето на златниот Ролекс кој трешти на раката на некој поп. Дотогаш… дома ќе си се молам, на мојата Богородица… малечка, нераскошна, скромна икона… Во мојата дланка ја собира сета нејзина големина… и ништо од мене за возврат не бара… ни пари, ни зејтин, ни пешкир… Нели тоа треба да ја прави Голема… нели затоа се нарекува Пресвета?

595x90

Посетено 1.381 пати