Грешка

Моето дете алергично на прашина, моето на глутен, моето на лешници, моето на јагоди, моето на млеко, моето на сонце, моето на тополи, моето на ветер, моето на мачки, моето на кучки…!

Пред 30-тина години кога јас бев дете, никој на ништо алергичен не беше. Ни на мачки, ни на кучиња! А исти си беа и мачките и кучињата и тогаш и денес! Во прашина израснавме. Не ни сметаше. Иста си беше прашината и тогаш и денес. Глутен? Немавме поим што е, ниту пак имаше потреба да знаеме. Шеќерот бил штетен? Ма ние шеќер со вода на кришки леб јадевме! Додуша чоколади со лешници ретко кога јадевме. За Нова Година едвај чекавме некој во пакетче да ни стави што повеќе чоколади, кои ги делкавме у еден ден, за доручек, ручек и вечера, и никој посебно не се потресуваше зошто ручекот сме го пропуштиле. Јагоди, цреши, јаболка, обично крадевме од по комшиски дворови и ги јадевме така немиени, па ништо не ни фалеше. Јаболките испрскани со она белото, исто како што се прскаат и денес, само што денес ги бришат, за да светкаат нели, полични да бидат. Некое дете и алергично да било, ќе си се изнакиваше, изнакашлаше, појма ќе немаа неговите што му било, и ќе му поминеше! Викаат и така се решаваат алергиите, давај му на детето тоа на што е алергично, ќе го навикне со време, ќе го надмине. Од лекар еднаш ова го чув. Епа ние така изгледа. И да сме биле алергични на нешто, најверојатно сме го надминале, зошто родителите не не мареле и не ни се треселе до овој степен како што тоа го прават родителите денес. Освен ако не изгориш од температура, па откако те избањале со чорапите во вински оцет, да мораат да те однесат на по 10 пеницилинки кои од првата инјекција те дигаа на нога. За очите зошто ни солзеле, за мрсулчиња, за поткашлување, за по некоја брумка по телото, никој посебно не се потресувал. Мамо, мамо, тука ме чеша! Ништо не ти е, те облазило нешто, ќе ти помине! Дај мама да го баци! Дај тато ракиичка да му сипе! И поминуваше… Кога немаше одма да помине, не трчавме по лекари на вакви-онакви тестови, со онаа бела како вар пудра и рани раскрварени од чешање си се шетавме по недела – две… и на крај, пак поминуваше!

И тогаш и денес, условите за живот се горе доле исти. И болестите се исти. И децата се исти. Само третманот на родителите кон нив е различен! Негде некој многу греши!

Посетено 7.504 пати (1 денес)