Грч на душа

Години трошам како луд
ко милионер да сум.
Фрлам, давам бакшиш
на музика,
трубачи,
конобари
милостиња на сиромаси
денови ги частам
месеци ги частам
години ги частам
ко да ми извираат бе брат.

Спукав бајаги до сега
и немам намера да престанам
до крај така ќе си терам…
нека има за народ
Дека има и такви што си штедат
демек за црни денови…
скржаво ги грицкаат деновите
како стаорци,
а срцата им се напраиле гравчиња
на младост вегетираат
за да живееле на старост
нека штедат бе брат

Ја не се научив така…
не се научив да го лигавам животот
па гризам и гмечам
стискам јако и не пуштам
јас не прегрнувам, него крцкам коски
јас не бакнувам, туку одгризувам усни
и дишам брат
дишам со двете плуќни крила…
и не знам што е лер
се ми е околу пета – шеста брзина
а рикверцот ми е расипан
и баш ми е гајле
и така не го користам…

Дека ми се десил мене грч на мускул
и гадно е тоа, ама се преживува
Али грч на душа…
е тоа никој не преживеал бе брат.

Посетено 435 пати (1 денес)