Едвај десетина чекори

Едвај десетина чекори
од пеколот до рајот
кои ги врвиш со тежина
онаа од која стапалата ти крварат
ама одиш
ги чекориш
од инает
од бес
од суета
ах, глупости
од љубов ги врвиш
со сета болка и страв
оти како на вжештени јагленчиња газиш
како оние кои во утробата ти жарат
неродените деца кои во тебе растат
доволно долго за кожата да ти ја раскинат
и од тебе да излезат
а не им се радуваш
оти веќе сила во тебе нема, дури ни за радост
ете такви ми се чекорите
од мојата осама до твојата прегратка
како никогаш да не ќе ги доодам
и ми се чини дека постојано на исто сум
со секој чекор-подалеку
со секој збор јазот е поголем
дур еден ден не не’ голтне просторот меѓу нас
со тишина во срцата
со молк од кој умов ми поболува
и песни од кои џигеров канцер ми фаќа
па те блујам на хартија
со мастилави прсти
а во душава дамки ми се шират
а пустата не се измива
ете барем некој да измисли машина за перење души
едвај десетина чекори од пеколот до рајот
од тебе до мене
од мене до љубов
кои со векови ги врвиме
полека и несигурно
како дете првите чекори
како старица до смртната постела
едвај десетина чекори
долги како живот
оној без тебе што го дишам

Посетено 1.361 пати