Два брега

Живеев со неа врата до врата. Детството го поминавме заедно. Во исто училиште одевме. Заеднички решававме математички проблеми, си споделувавме тајни за првите симпатии, си помагавме за секојдневни маки, љубовни болки, избор на облека и чевли. Заедно излегувавме. Заедно се дотерувавме, лакиравме, шминкавме. Заедно касневме. Заедно лажевме зошто сме каснеле… Заедно израснавме.

Одамна ја не бев видела. Вечерва ја видов со македонско знаме околу вратот. Кога ме гушна, ме гушна и со него, со знамето. Ја прашав „Каде беше?“ иако јасно ми беше каде била. „Како каде, да ја бранам Македонија!“ ми одговори со широка насмевка на усните и широко раширени раце во кои го крена македонското знаме и почна да го виори над главата. А мене пелин во душата, горчина на усните, болка во градите одеднаш однекаде ми се насобра. „Од кого ја браниш Македонија, Мила, од мене ли?“ Мила занеме. Ме разбра. Отсекогаш беспрекорно сме се разбирале. Истиот момент дел од мојата горчина, од мојот пелин, од мојата болка кај неа замина. Го знам тоа со сигурност, зошто почувствував како одеднаш малку, само малку ми олесна, а на неа исто толку малку, само малку ѝ стана тешко.

Сите ние си имаме барем по една таква Мила, заради која потсвесно сочувствуваме со нашите сограѓани од другата страна на реката дури и тогаш кога најсурово ги навредуваме и критикуваме, а тоа не го признаваме. Се сеќавам токму сега на сите неубави зборови кои сум ги изговорила и напишала, кога во лутина и бес, кога искрено и смирено, за Мила и таквите како неа. Се сеќавам токму сега колку многу пати за Мила и таквите како неа сум пишувала, сум се нервирала, сум ги разубедувала, сум ги освестувала. Се сеќавам токму сега колку пати залудно сум се надевала дека Мила и таквите како неа ќе направат магичен скок преку коритото на реката за да преминат од оваа страна на брегот и колку пати ме разочарале затоа што сум гаела преголеми надежи, сум негувала преголеми очекувања. И сфаќам, токму сега, дека сè што досега сум напишала и рекла за нашите сограѓани од другата страна на реката, сè што сум се обидела, да ги вразумам, освестам, сум го направила за Мила и таквите како неа. Сите ние. Јас за мојата, ти за твојата, секој за својата Мила.

Не се вика Мила. Неважно е како се вика. Важно е дека девојката ми е прва братучетка. Која многу си ја сакав. Или сеуште си ја сакам. Не знам. Знам само дека што и да биде, и покрај тоа што стоиме на два различни брега, секогаш ќе ѝ мафнам од оваа страна, кога ќе ја видам. Но најмалку важно е сега тоа. Важно е сè она што таа никогаш повеќе нема да ми биде. Важно е сè она што таа некогаш ми беше. Иста крв. А толку многу различна.

Посетено 972 пати