Дури и пеколот само девет кругови има

devet krugovi-pocetna_majkatiitatkoti
Ќе мине
Ќе си минеме еден на друг
Ти мене
Јас тебе
Ко да било во некој друг живот
Толку одамна што нема да сме сигурни
Ниту дали навистина сме си се случиле
Ќе мине
Ќе си минеме ко настинка
Ко ништо никогаш да не било
Ко да сме слушале приказна за некои ко нас
И малку ќе подболува
Ама сосем малку
И ќе мине
Ко на кутриња ќе ни мине
Слеани во денешницата
Нема да му ја мислиме за утре
Ниту пак ќе се навраќаме на вчера
Ќе живееме за сега и овде
И нема да си дозволиме да подзастанеме
И во спомени да се враќаме
Оти дури тогаш стапот сме го јале
И дури тогаш бегање нема
Затоа со главите во ѕид ќе си маваме
И дека треба да боли ќе се убедуваме
И ниту еден од нас веќе нема рака да пружи
Ниту другиот некако ќе го побара
Ќе маваме со главите во ѕидот
Оној кој сами го изѕидавме
И ниту пенџерче не оставивме
Ете, барем одвреме навреме да се ѕирнеме
Во душите да си видиме
Како сме
До кај сме
Знаеш…
Ќе мине
Сигурно ќе мине и полесно ќе е
Ма мајку му
Дури и пеколот само девет кругови има
Ќе ти мине
Ќе ти минам
Ќе ми мине
Ќе ми минеш
Ама пусто љубовта како да помине
Како неа да ја снема
Оти и ти и јас ќе минеме
И на различни места коските ќе ни закопаат
Ама љубовта
Таа како да мине
Да ти мине
Да ми мине

[button color=”#000″ background=”#fff” size=”small” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/ana-bunteska/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]

Посетено 1.141 пати (1 денес)