Докторот

– Докторе, тука ли сте? Ми треба помош. Докторе, одговорете на поракава
ако сте до компјутер, исклучен ви е телефонот. Докторе, во рака држам жилет, малку фали… одговорете проклет да сте… докторе!!!
– Зошто ви е жилет?
– Тука сте!!! Фала Богу!!! Мислев дека е готово со мене.
– Зошто ви е жилет?
– Да ги пресечам проклетиве вени ете зошто
– Зошто би ги сечеле?
– Зашто се полни со крв ете затоа.
– Па така треба… да се полни со крв, нели?
– Не докторе, ви ја знам финтата. Сакате да ме зазборите нели? Е нема да ви пројде таа финта, нема.

– Зошто не сакате да си збориме?
– Докторе, јас се распаѓам овде, не ми е до зборење.
– Ако молчиме ќе помогне?
– Ме излудувате докторе. За молчење ли се јавив јас? Што ви е на вас? Некој нов трик пробувате на мене?
– Не. Зошто ви е тешко? Зошто сакате да си ги сечете вените?
– Зашто не ми се живее, ете затоа.
– Но животот е толку убав
– Можеби за вас. Вие сте полни со пари.
– Но јас немам…
– Знам знам на вас никогаш не ви се доволни. Не знаете вие како е да немате ниеден денар во џеб.
– Но знам…
– Добро добро. Остајте ги тие работи сега. Ќе ми помогнете вие мене или не?
– Да, би сакал. Што ве мачи?
– Кретенот повторно ме вара со неговата ороспија…
– Како знаете?
– Му прочитав пораки. Срценца, кисчиња, бејби, сонце, се и сешто.
– И?
– И ќе си ги пресечам вените, не можам ова да го трпам веќе!!! Ќе си ги пресечам вените!!!
– Ама не сте вие ништо криви.
– Крива сум! – Што сте згрешиле вие? – Не сум веќе убава и млада. Затоа сум крива.

– И баба ми е стара, ама не си ги сече вените. Секој ден е насмеана. Кога ќе ја прашам: Бабо зошто секогаш се смееш? таа ми вели: Сине, среќата е риба. Насмевката е мамка. Мора на среќата да и фрлиш насмевка за да се улови.
– Не сум помислила на ова. Мудра жена е баба ви докторе.
– Најмудра од сите. Минатата година се омажи по третпат.
– Навистина?
– Да, и многу се среќни заедно. Ја бараа и други дедовци за жена, ама она го одбра овој дедо Ангел. Вели дека толку ја смее што ќе си ја голтне вилицата еден ден.
– хахахах… е сега ме насмеавте докторе.
– Убаво е нели? Луѓето се поубави кога се смеат.
– Така е. Јас изгледа заборавив како се прави тоа. А вие ме научивте нешто многу важно докторе. Ова е некоја ваша нова метода. Не е уште една од оние ваши долги и досадни сеанси. Секоја чест. Многу ми помогнавте. Да се смеам често, дека насмевката е мамка за среќата. И да го одберам оној што ме засмева, а не некој евтин гад. Два најдобри совети до сега. Догледање докторе. А таман помислував да сменам терапевт. Но сега знам дека сте вистинскиот.
– Пријатно, и ви посакувам многу насмевки…

Во тој момент, докторот излезе од купатило и го виде 8-годишното синче како се допишува со некого на компјутерот.
– Што правиш? Нееее, што направи? Со кого се допишуваше?
– Со некоја госпоѓа што сакаше да си ги пресече вените?
– Нееее, не со таа лудата, што и рече, што и рече? Бегај да видам што си пишувал.

По неколку минути, го исклучи компјутерот, ги избриша солзите и го прегрна синчето. Ништо не кажа. Само долго седеа така гушнати. Некогаш па човек едноставно и нема што да каже, нели?

Посетено 2.532 пати