ДО НЕГО ДА СЕ РАЗБУДАМ

Ако животов ми е сон јас сакам крај него да се разбудам.

Немам бе, немам суицидни мисли. Вие имате штом само на тоа ви е паметот. Велам да се разбудам, не да умрам. Па не ли е животов доволно напорен, што полошо може да се случи? Кој се плаши од смртта? Јас сигурно не. Оставете тоа на страна, јас за него сакав да ви кажувам. Како и секогаш де. Па празна ми е душава кога него го нема. Не ми е сон, кошмар ми е животот.

Се сеќавам на првиот пат кога се разбудив со него до мене. И не, не знам со што да го споредам тоа чувство за да ја доловам топлината која ме исполни тоа магично утро. Како илјадници бели гулаби да се спуштија и да ме подигнаа високо во облаците. Како милион пеперутки да се разлетаа во мене во исто време. Мислев ќе експлодирам. Мислев ќе се разлетам низ воздухот како конфети. Како кога ќе ме скокотнеше по десното стапало и јас ќе развлечев насмевка на лицето. Така. Така сакам да се разбудам од овој живот. Јас така ќе ја напуштам оваа реалност.

do nego da se razbudam_majkatiitatkoti

Ако животот е сон јас посакувам само него да можев да го сонувам. И гулабите. И пеперутките. И секогаш така да ми развлекува насмевка на лицето. Ама не, не е така бел. Животот не е ни така црн. А во ова сивило кој може да бира што сака? Јадеме што ни е сервирано. Пиеме како што ни точат. Ех, камо…камо да можевме барем со саканите да бидеме како ние што сакаме… Кога ние што сакаме… Колку ние што сакаме…
Затоа. За него. Не дека имам суицидни намери. Колку и да е сиво јас не брзам да си одам. Ќе го извлечам најдоброто што можам, па нека ми е и последно. Ама кога ќе заврши, верувајте ми на зборот, кога ќе заврши јас ќе се разбудам до него. И веќе нема да биде сиво. Нема да има ни капка црно. Ќе биде светло. Ќе ме прегрне и веќе никогаш нема да ме пушти. Јас ќе бирам кога да сум со него. Јас ќе знам колку ќе сум со него. Само ако е животов сон… Јас сакам, многу сакам до него да се разбудам.


Автор: Софија Андовска

Посетено 597 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!