Дедото Мише

Веднаш штом ме промовираа како кандидат – снаа во семејството Прелиќ бев запознаена со ликот и делото на дедото Мише. Со текот на времето сите наши пријатели детално ги запознавме со CV-то (долгата верзија ) на дедо Мише. Кој е дедото Мише?

dedo-mise-pocetna_majkatiitatkoti

Дедо Мише е прадедо на сопружникот мој. Живеел 107 години (1860 – 1967). Бабата Султана, жена му, исто така го фатила правото  и живеела 101 година. Значи, дедо Мише го живеел Илинденско востание, Балканските војни, I и II Светска војна, судбоносното Титово НЕ, социјализмот..ама не го фатил новиот Устав ’74 и самоуправувањето. Водени се опсежни дискусии во семејството Прелиќ на што се должела долговечноста на дедото Мише и бабата Султана.

Изведени се 3 генерални заклучоци:

1. Бил бозаџија
2. Се затоплувал зиме – лете
2. Имал само 2,5 стреса во текот на целиот

1. Дедото и бабата секојдневно макале со лепче остатоци од непродадената боза и биле напумпани со витамини од комплексот В кои играат важна улога телото да работи како добро подмачкана машина и да кулираш.
2. Дедо Мише зиме – лете носел јагнешко гунче и шубара. “Дуговечност деда Мишета дужи се сталном затопљавању“ – изјави своевремено свекор ми . На лето обавезно носел и чорапи ама потенки. 
3. Стрес. Дедо Мише во живот како што кажав имал се’ на се’ 2,5 стреса. Првиот стрес го доживеал како младич кога ловел риба на Вардар и уловил мртов Турчин.  Вториот стрес го здрмал кога му дошле дома комити на сред ноќ да се најадат и да поспијат. Е, третиот стрес не бил баш стрес, затоа ќе го рачунаме како 0,5 стрес. Би рекла, тоа била блага вознемиреност или лесна анксиозност, бидејќи првпат во животот решил да го напушти Скопје и заминал за Куманово. На враќање цел ден го чекале на сред сокак да се врати. Од тогаш наваму со децении се раскажува неговата епохална изјава:“Куќи таму – куќи ваму, луѓе таму – луѓе ваму, од дома поголема згоѓа има ли ?!  

П.С. Сега и онака сите сме дрипци и нема шанси до Прешево да мрднеме и тамам ќе си мантраме: “Куќи таму……….“ 

Посетено 1.261 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!