ДО СТО И ЕДНА, И НАЗАД

Кога патувам во себе,
ги мислам сите што ми посакуваат
среќен пат.
Мислам до каде имам стасано…
Дали се уште одам напред?
Или се враќам наназад?
Кого ли ќе сретнам на тој пат?
Кој ќе ми каже до каде сум?
Уште колку ли имам…?
Ако сум го изодел патот напред,
се плашам што ќе сретнам
одејќи наназад.
Зошто има луѓе што не сакам да ги сретнам повторно,
а има места каде што сакам да одам по втор пат.
Работите од кој сум се срамел ќе ги заобиколам,
успесите на кој сум бил горд ќе ги потенцирам.
Грешките вешто ќе ги избегнувам,
победите двојно ќе ги славам.
За добрите ќе бидам најдобриот ангел,
за лошите ќе бидам само најдобар.
И дали еден ден кога ќе го сретнам…татко ми…
ќе знам дека мојот пат
до сто и една и назад завршил?
Не знам дали ќе бидам среќен што го гледам повторно.
Но знам дека ќе бидам тажем,
зошто некои мили луѓе
само ќе се сеќаваат на мене.
Тогаш повторно ќе почне мојот пат
до сто и една и назад.
Но тој пат ќе биде релативен
зошто тој пат нема да зависи од мене.
Колку подолго ќе ме споменуваат,
толку подолго ќе патувам.

Посетено 439 пати