Бегај чедо…бегај

begaj_majkatiitatkoti

“Бегај чедо од оние
кои медовина во уста имаат
а на рацете
на нив крв носат
бегај од нив
тие
тие жива беља се
дланките ги кријат
ете
ги белат со брашно
за и лебот загнасен да им е
а устите им ломотат
од убо-поубо
како локум
како слатко од вишна
како вода со шеќер
од нив
од нив подалеку да си
оти тие душа земаат
душата ти ја мамат
со сладок збор
послужен во кристално чинивче
со сребрено лајче
и чаша вода дури ќе ти дадат
за лагите полесно да ги голтнеш
тие, тие проклети се
оти во срцата црно им е
нит за љубов знаат
нит за милост
души земаат
во нив својата испоганета ја плакнат
за да им замириса на зелено
тие
од тие да се пазиш
во рацете опули им се
во очите џари им се
таквите белки немаат
црно и таму од срцата им е
од таквите љубовта да си ја чуваш
оти ќе ти избега
ко песот на комшијана
поќе не го најдоа
чувај си ја душата
и љубовта во неа
затни ги ушите
зборој да не слушаш
оти еднаш ќе се поболиш
а секој ден ќе умираш
пиле мое
пиле мое”

Посетено 7.237 пати (1 денес)