Ивана Тасев, дама во медиумскиот простор

ivana tasev profil_majkatiitatkoti

Книгата „Надвор од линијата“ живее и по промоцијата.

nadvor od linijata ivana tasev naslovna_majkatiitatkoti

Поминаа точно два месеци откако новинарката Ивана Тасев ја промовираше својата прва книга насловена како „Надвор од линијата“. Голем дел од тиражот на овој пишан документ и уметнички тестамент, уште вечерта на самата промоција беше распродаден, на која присуствуваа преку 300тина почитувачи на нејзиниот труд, а преостанатиот може да се најде во скопските книжарници како „Магор“, „Три“, „Или-Или“, „Култура“ и „Матица“. Книгата е во издание на Галикул“, а поддржана е од Министерството за култура. Новинарката, одбележа десет години креативна работа во неделното списание Теа Модерна, (а 17 години севкупно како новинар), па оттаму и потребата да ги заштити од заборав некои од своите длабоки и искрени пишани дела, кои досега се објавени во тиражниот неделник. За потсетување, станува збор за интервјуа со веќе добро докажани и звучни имиња од креативната македонска сцена. Редови, кои отскокнуваат од линијата на класично интервју и природно се преобразуваат во куси литерарни творби. Тие се печат на едно време. Доказ дека постои плодна и потентна сцена. Сведоштво за варијабилите на уметничка сцена во Македонија, изминативе десетина години. Своевиден уметнички тестамент. Транспарентно огледало на уметничката свест.

Најпреведуваниот македонски писател, Гоце Смилевски го напиша поговорот за книгата во која вели:

„Невообичаено е кога една впечатлива личност и појава, каква што несомнено е Ивана Тасев, една од оние кои се забележливи и се издвојуваат веднаш и „од прва“ дури и кога се во мноштво, ја одбира онаа друга позиција, во сенка, која и служи за да фрли светлина на другиот, на соговорникот. Но, секој кој ги имал задоволството и честа да биде интервјуиран од неа, знае и нешто друго: дека таа не е само онаа која заинтересирано и љубопитно поставува прашања, таа е онаа која, секогаш суптилно, ги наведува да навлезат длабоко во настаните и оттаму да не извлечат само фактографија, туку длабоки сознанија. Таа е онаа која, при разговорот, ја руши бариерата, ги бара кулминативните точки, води кон ерупција во одговорите, преку своите размисли, вткаени во прашањата. Инсистира да се зачекори надвор од линијата, од предвидливото и баналното, па оттаму и самиот наслов на книгата е „Надвор од линијата“. Изборот разговори, овозможува приближување до самата Ивана Тасев, тие ги исцртуваат контурите на портретот на својата авторка, тие ја откриваат конзистентноста на нејзините ставови и размисли, јанѕи и радувања, толкувања и промислувања, тие ги бележат и нејзините осцилации, подеми и падови во расположенијата, чувствата и доживувањата, тие ги откриваат нејзините ставови и сомнежи, нејзините љубови и пасии. Оваа книга е еден долг, длабок, прониклив разговор. Разговор со соговорниците на Ивана Тасев, но пред сè, разговор со Ивана Тасев“.

Да не заборавиме, Тасев, иако по вокација и професија е новинарка, таа изминативе 15 години успешно се занимава и со уметничка фотографија  и како човек за односи со јавноста во областа на културата. Нејзиниот долгогодишен посветен и истраен влог во нашата културна сцена, одмереност во изразот, непристрасност, изоштрен критериум, напластено искуство… направи од неа, голем индивидуалец, жена змеј, и наедно, дама за пример.

Посетено 493 пати (1 денес)

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!