Весна Петрушевска: Не сте сами на овој свет

Благодарност, опуштање и дарување исклучително добро делуваат на вашето расположение. Отвoрање кон самите себеси и размислување за тоа што се сте направиле во оваа 2017та година, особено она што не сте успеале да го реализирате секако нема да допринесе на вашето расположение, во празниците кои ни претстојат. Не сте сами на овој свет, барем така јас си мантрам постојано. Не сум сама, не сум сама. Сигурно има некој пријател кому одамна не сум се јавила. Да прашам како е што прави, дали е среќен, среќна, оти заборавивме сите ама баш сите колку е важно да се грижиме за другите. Постојаната трка за опстанок, стресовите кои ни се вообичаен вкус на денот, заморот кој не турка в кревет, медиумите оптеретени со дневна политика. Сето ова влијае на нашиот кавлитет на живот. Сте се запрашале ли кога последен пат сте се бакнувале безгрижно? Кога последен пат сте го напуштиле вашиот дом онака, без причина? Вашето очекување само да добивате, а ништо да возвратите. Станавме себични, потклекнуваме на манипулации, стравот е оној кој ни е водилка во животот. Потсетете се на детските прошетки, онаа безгрижност, мирисот на зима… Последниве години за волја на вистината не дишеме, забрането ни е и тоа. На крајот од секоја година зборуваме што се можевме да направиме, ама ете никогаш време за себе. За себе последниве години си велам, нема нешто што не ми се случило… Нема, нема, некој малер ќе ме посети како верен другар. Му велам на татко ми: Тато сега еден велосипед кога ќе си земам… Тој сериозен ми вели: Каков малер си, ќе те удри некој.

Секогаш ама баш секогаш се обидувам да го разбудам детето во мене и да не ја убијам духовитоста во себе. Таа ми е загарантирана! Повторно по не знам кој пат ми минува онаа стара добра македонска: Има и полошо.

Тоа е нешто слично како и со вечната македонска причина за сите болести, промајата. Јас мислам дека нам и во умот ни поминува промаја од време на време. Кога работите кои изгледаат страшно ние ги доживуваме како извонредно природни. Замислете си кога вашите деца не би ги знаеле имињата на политичарите, замислете како на насловна страна на некој весник (не постојат, знам) се појавуваат ликови кои се иноватори, уметници, архитекти, писатели… само замислете.

Имам чувство дека се повеќе го губиме тлото под нозете и ако час поскоро не почнеме да даваме љубов секојдневно, ќе си умираме тивко и полека. Не се изморивте како сите знаете за оној другиот? Не ви дојде преку глава дека секогаш сте во право? Толку многу не сакате да се насмеете? Колку многу посакувате да се смеете на туѓата несреќа, а кога вам ќе ви се случи тогаш не ви е многу смешно? Ја загубивме емпатијата во себе… Сонувате? Јас често… во последно време сакам да сонувам само љубов. Не се гушкаме повеќе, не се држиме за раце, не прегрнуваме. Чудна сорта биднавме! Секој секому непријател. Сите сме поразени, нема победници.
Деновиве кога доаѓаат најубавите празници, можеби е време да се погледнеме во огледало, да си кажеме искрено и сурово себеси колку малку ни е потребно да бидеме среќни, насмеани. Сметката на животот доаѓа ненадејно и се е запишано. Велат дека секој ден е скапоцен дар, треба да се однесуваме така. Да знаеме дека секое утринско сонце е извонреден миг, сега и тука. По кој знае кој пат да се обидеме некако да живееме за себе, а потоа за останатите. Ако не умееме да се сакаме самите, нема да можеме да ги сакаме другите, најблиските. Себичноста треба да ја лекуваме, а не да ја потхрануваме. Колку пати во текот на денот заборавате дека сте живи?

Бејбимама

фотографии Елена Лука

Посетено 498 пати (1 денес)

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!