Сакав само да ти речам…

[fblike]stavi lajk-pocetna_ana bunteska
Сакав да ти речам…
ете, време измина и не ме боли повеќе
барем не толку за да посакам да ме нема
и не толку за да си ги гризам усните
крв да им пуштам за таму, ете таму
нив да ги боли а не срцево
не боли толку и не е така често
повеќе ми е како сеќавање на болката
како лош спомен од детството кој кошмар ти е
та од него од вресок навечер се будиш
Сакав, сакав да ти речам…
арна сум сега и можам и меѓу луѓе да седам
троа молчалива сум, ама ме има
знам и да запејам некојпат
ете пејам на сиот глас
дур ја стискам чашата со вино полна
да, бело е и ладно, како во градиве што ми е
некогаш ете одлетувам со мислите
и возам околу бесцелно, мерам улици
на студов пешачам дур носот не ми премрзне
Сакав да ти речам…
не го мислам минатото
и не ми горчи веќе загубата
денот ми врви брзо и како во сон
еве и книгата ми е готова
иако уште не сум и’ се израдувала ко чоек
а ја вртам низ раце и ја мирисам
има страници кои на тебе болно мирисаат
ама и има и такви кои потсетуваат на слобода и мир
па на нив се задржувам подолго дур не стивне кај душава
Сакав да ти речам…
љубовта не ми умрела
остана во мене и еве ја, бара надвор
па ме тера на смеење и олеснување
ме тера да повторно бидам она што бев
и да можам да љубам како да не си ми се случил
а тој, тој е добар со мене
и на првиот состанок ми тутна гумени бонбони во рацеве
и ме гледа ко чудо да сум
дур со двете дланки лицево ми го држи
Сакав…
Сакав само уште ова да ти речам…
простено ти е
прости ми и ти
ветрее љубовта меѓу нас
и ништо од неа не ќе остане
сакав,
сакав само да ти речам…
збогум
Посетено 1.091 пати (1 денес)