Пушти ме да си одам

pusti-me_majkatiitatkoti
[fblike]
пушти ме да си одам
дур вака простум можам да стојам
дур снагава ме крепи
и очиве се суви
отвори го кафезот од коски
кај градите што го имаш
и пушти ме надвор
ослободи ме
не оставај ме да се удирам од решетките
оти не ќе ти запејам така
оти крилцава ми се кршат
пушти ме
пушти ме да си одам
дур можам да говорам со мирен глас
дур крв со ноктите в месо зариени
не сум си пуштила
биди милозлив и не стегај ми ја душава
и онака е стисната како тупаница
ниту збор ќе ти кажам
ниту пцост
ниту клетва од мене ќе чуеш
само пушти ме
еве сожали се како врз животинче
како врз просјак во дождлива ноќ
како врз жена која те љубела
која те милувала како знаела и умеела
како жена која знае дека ова ќе го читаш
и те преколнува да ја пуштиш да си оди
да си го најде огништето
да си спростре черга пред вратата
куќа да закуќи и љубов да си најде
некој кој лек за срцето нејзино ќе има
кој ќе и’ ги спастри крилцата
и нема од неа да бара да пее
туку ете
само ќе ја зацелува
и покрај неа како столб ќе стои
покрај неа
онака како што ти не умееше
ниту пак знаеше
и дур те љубам
и во умов те чувам
на телово уште те носам
те преколнувам
пушти ме
пушти ме да си одам

SMARTcom MAL banner text

Посетено 5.025 пати