Приказната за Санторини раскажана од скопјанец кој 30 години живее на еден од најубавите острови во светот

Benjamin Sukriu

Санторини е приказна сама по себе која не може да биде раскажана преку фотографиите од белите куќи со сини покриви. Островот треба да се види и доживее, бидејќи енергијата од се уште активниот вулкан се чувствува само таму.

Но кога ќе го видите и доживеете на свој начин, а приказната за островот од прва рака ќе ја слушнете од Бенјамин Шукриу, Македонец кој веќе 35 години живее таму, тогаш знаете дека впечатокот ќе биде комплетен.

Santorini, Cyclades

До Бенјамин не однесе Сашо Пижевски-Пиже, а со Пиже не спои заедничкото патување до Санторини, место кое секој треба да го посети барем еднаш во животот. Но тоа еднаш, за Бенјамин се претворило во два пати, после што и останал да живее на Иа, најубавото место на островот, познато по неповторливата глетка на зајдисонце, кога сонцето со пурпурна боја едноставно потонува во бескрајното синило на Егејско Море, кое се простира во недоглед.


Се навикнуваш на убавината, но не значи дека не ја гледаш

„Прв пат дојдов на Санторини во 1979 година. Во тоа време, на одмор шетавме по островите. Вториот пат дојдов 1982 година и тогаш прв пат дојдов во Иа. Но тогаш беше поинаку. Немаше толку многу народ, немаше туризам и Иа не беше толку позната како денес. Ја знаеја луѓе кои се бавеа со архитектура и уметност. Вообичаено, таков профил на луѓе ја посетуваа“, раскажува Шукриу.


Во првите години од неговиот живот во Иа, се бавел со уметност, односно сликал и сликите ги продавал. Во 1986 година отвориле ресторан со неговата прва сопруга, Гркинка со која ресторанот го работел до 2001 година. Но по завршувањето на бракот, од кој има прекрасна ќерка, која ги има наследено неговите проѕирно сини очи како море, завршува и приказната со ресторанот.
„Дозволата беше на име на сопругата, ресторанот остана на нејзе, јас се тргнав од тој бизнис“, објаснува Бенјамин кој три години работел и на аеродромот.

Кога тој се населил на Иа, луѓето живееле во куќи керпичи, а со туризам се бавеле само луѓе дојденци, и атињаните. Тогаш, куќите чинеле од 10.000 до 15.000 евра но тој немал право да купи куќа на негово име. Од разбирливи причини.

„Имаше доста Германци кои имаа купено многу куќи, но после ги продадоа кога пораснаа цените и кога местото се наполни со народ. Повеќе не им се допаѓаше, ги продадоа и си отидоа. Во тоа време, луѓе од страна отвараа бизниси. Ги најмуваа куќите под кирија, која беше џабе. Кога почна развојот на туризмот, почнаа да растат и кириите и тогаш мештаните го преземаа бизнисот. Сега, туризмот го работат мештаните но има и многу атињани“, раскажува Бенјамин.

Тој додава дека куќите кои некогаш биле керпич, и се наоѓаат на самата калдера (високи карпи од каде што има најубав поглед на море), сега од вечер се издаваат од 300 евра па нагори.Цената на некои од нив достигнува и по неколку илјади евра од вечер.

Луѓето беа неписмени, се движеа со магариња, имаа дупки од куќ и како керпичи а сега сите тие имаат милионски вредности. Киријата изнесува од 2.000 до 5.000 евра. Има еден мал хотел многу ексклузивен на кој што се стигнува само со брод, и се наоѓа на островот отспротива. Таму спиењето е од 3.000 до 5.000 евра од ноќ и доаѓаат светски познати актери и луѓето од џет-сетот“, вели тој.

Во исто време, поскапел и животот. Но островот останал имун на рецесијата која ја зафати Грција, а воедно финансиски е независен и не е засегнат од економската ситуација во државата.

Масовната посетеност на Иа, според Бенјамин започнала од Камари и Фира, градови кои исто така се наоѓаат на Санторини.

„Имаше еден тип кој имаше автобуси и на организирани групи од островот, почна да им продава бајки за Иа, како зајдисонце и слично. И почна да организира тури. После дојдоа крузерите, па ги земаа туристите со автобус и ги носеа овде. И сега не можеш да поминеш на улиците. Летно време не излегувам од дома, не одам на плажа бидеќи плажите се доста далеку “, вели тој.

Денес, доколку треба да бира, нема да остане да живее во Иа токму поради масовната посетеност од страна на туристите кои ги преплавија сите сокачиња и ја окупираа секоја педа.

Според Бенјамин, местото е најубаво зимно време кога температурата е 15 степени.

На Санторини, најмногу го сака местото Пиргос, кое е мало автентично селце кое порано било главен град на островот, а денес тоа е Фира.

„Ретко врне, но на зима не се проблем врнежите, туку ветерот од кој се има чувство дека температурата е многу пониска“, објаснува Бенјамин.

Го прашувам, дали е вистина дека кога човек живее на такво место се навикнува на таа убавина и повеќе не ја гледаш. Но ме демантира во негов стил: „Се навикнуваш на убавината, но ќе ја погледнеш калдерата со вулканот од спротива и ќе ти дојде флеш. Убавината ја живееш, не ја гледаш со исти очи како што ја гледаат туристите. Се навикнуваш, но не значи дека на ја гледаш“.

Скопје го изгуби шармот, но Бенјамин не

.
Со Бенјамин отидовме на ручек во ресторанот „Скала“. Таму ги вкусивме локалните традиционални јадења како бујурди, фава, похован домат (кој беше тешко да се слушне како се изговара, а камоли да се напише), но и белото вино асиртико, кое е најпознатата сорта на грозје на Санторини.

„Интересно за лозјето на Санторини е што е единствено во свет кое што опстојува илјадници години. Во Европа, поради некоја епидемија на грозјето доаѓа до негово целосно исчезнување во 16 век за потоа да се појави ново, сменето. Ова е единственото грозје во светот кое има контининуитет неколку илјади години. Истата сорта не се прекинала.

На Санторини специфични се доматите, кои се мали и благи и наликуваат на шери, краставиците кои наликуваат на тиква и грозјето кое е ситно.Од Бенјамин разбравме дека, речиси целата риба околу островот е истребена.

Restaurant SKALA, Oia, Santorini

Бенјамин, последен пат во Македонија бил пред три години. Живее во зградата над ресторанот Пелистер. Бил изненаден кога од тераса му се испречил воинот на коњ.

„Скопје имаше поинаков шарм, сега има антика“, вели човекот кој е центарско дете од Скопје и негови пријатели се Медо, Симе Узун, Предраг Терзиевски и многу други за кои го врзуваат убави спомени.

И додека според Бенјамин, градот во кој пораснал изгубил од неговиот шарм, тој својот шарм си го задржал. Низ улиците на Иа шеташе како вистински фраер со стил во одењето, однесувањето, зборувањето.

Тогаш, совршено ви се вклопува приказната зошто добил понуда да работи како модел во Италија, со 500 марки заработувачка од ден, но ја одбил, бидејќи на Иа заработувал три пати повеќе.

Но ќе ви каже, дека во животот сте успеале кога нема да ви биде грижа за ништо, но не само да кажете, туку навистина да не ви биде.

Photo by Nikola Ancevski

Разговорот го водеше Силвана Жежова

Посетено 7.632 пати (1 денес)

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!