Погледни од другата страна, може желбите ти се исполниле…

Еднаш како мал,  му се киснам и му се жалам на дедо ми, како ниедна желба не ми се исполнила. Тој ме стави у скут, го запали лулето и со морган-фрименски глас ја започна приказната:

Си биле еднаш три мали дрвца. Како и сите други дрвца, секое од нив имало желба. Првото сакало од него да направат кралски кревет, целиот позлатен, на него да спие кралот, сите да му се диват. Второто сакало од него да направат брод, огромен, најубав, со најголеми златни едра, кралски брод, да го гледаат со восхит, но и со страв. Третото сакало само да биде славно, и цел свет да знае за него.

Поминало време, пораснале. Еден дрвар минувал покрај нив, и ги забележал. Без размислување го секирисал првото, го изделкал, го качил на магарето и го симнал во село. Го продал на еден столар за ситни пари и за вреќа брашно. Седел така столарот, го гледал и му се чудел што би било најпаметно да направи од толку мокро дрво. Си рекол дека за стол не го бидува, па од него направил копана, она дрвено корито каде што се става храна на прасињата. Една вечер, му дошле скитници и го замолиле да преспијат кај него. Маж и бремена жена. Им кажал дека во куќата нема место, но во шталата има. Во текот на ноќта, кај жената се појавиле породилни болки, и мажот и домакинот и помогнале да се породи, оставајќи го детето во копаната претходно покриена со слама за да биде топло и меко. Поминало се како шо треба, луѓето си отишле, копаната си го отслужила своето, ја изгризал забот на времето, за на крај да ја изедат црви.

По години дрварот минувал пак покрај истите дрва. Сега на ред било второто. Повторно се спуштил во селото. Го продал пак на истиот столар. Столарот овој пат од него направил мал рибарски чамец. Отишол кај рибарите и им го понудил. Тие се жалиле дека нема риба, и дека нема како да му го платат. Им го оставил бадијала, па кога имаат да му дадат пари. По извесно време, некој случаен минувач им кажал на рибарите да ги фрлат мрежите на другата страна од водата. Го послушале и уловиле купишта риба. Веднаш му дале пари за чамецот на столарот. Минувало време, чамецот се дупнал поради стругање од песокот на копното и останал вечено сам на брегот.

Останало уште третото дрво. Било најнелично од сите. Но дрварот по години го исекол и него и право кај столарот. Овој му го откупил исто за ситни пари и незнаејќи што да направи од него, истругал две прави греди и ги оставил пред работилницата, може некој да ги види и да ги купи. Еден ден, војската влечела претепан разбојник за да го однесе кај царот. Но малку претерале со ќотекот, и човекот бил на работ да испушти душа. Бидејќи морале да го однесат жив, а им тежел оти не можел да оди од болки, војсководецот ги купил двете греди, ги сковале некако, го качиле на него и го однеле кај царот. Толку

Јас изреволтиран и уште повеќе разочаран му кажав на дедо ми дека ја сум ко сите три дрвца и дека мечтаам за нешто а не ми се исполнува ни трошка од тоа. Но тој се насмевна и продолжи:

Првото дрво, било копана во шталата каде што е роден Исус. Нема поголем цар од него, така да и нема поголем царски кревет од тој во којшто е роден царот. Бродот, којшто бил направен од второто дрво, бил бродот на Свети Петар, а Исус бил човекот којшто им кажал каде да ловат риба, нема посвет брод во целиот свет. И на крај, третото, двете греди, биле гредите од којшто бил скован Светиот Крст на којшто Исус бил распнат. Има ли нешто пославно во светот?

Погледни ги работите од сите страни внучко, тргни ги уздите, мисли добро и добро и ќе те снајде!!!

Посетено 1.683 пати