Мене не ми смета нит јазикот албански, нит името

Мене не ми смета нит јазикот албански, нит името. Ми смета мизеријата во која тонеме со децении. Ми смета декаденцијата на ова општество труло во сите можни сфери, разнишаноста на темелите на оваа креатура од држава, поточно квази-државиче кое никогаш држава не било. Ми смета затруеноста на тлото по кое газиме, на кое му треба целосна деконтаминација, во кое што и да посееш, венее и се суши, не пркнува. Ми смета оправданоста на бегството на децата некаде надвор, каде било, само што подалеку од своите корења Тие ли корења ги штитиме, од кои сопствените чеда ни се срамат?

Што дека македонскиот јазик, што дека името Македонија, ако со срам го изговараш затоа што во неа живееш во мизерија? Се јаде ли јазикот? Се пие ли името? Ќе не заситат ли да не ни кркорат стомаците? Ќе ни ја угасат ли гладта и жедта? Ќе не спасат ли од сиромаштијата? Што ќе им велиш утре на децата… „Нати мамичка, пивни од именцево“, наместо од млекцево? Нека има 5, 10, 15 службени јазика, нека се викаме Нова, Горна, Долна, Средна, Вардарска, Црвена, Шарена Македонија… само нека се живее во неа! Оти вака ако продолжиме, само едно име ќе ни прилега… Безживотна… Мртва!

Посетено 7.638 пати