Кога љубовта на раце ти венее

crvena cura_majkatiitatkoti
Има ли нешто поболно од тоа
Жив чоек да закопаш
Во душата своја гробно место да му направиш
И внатре да го сместиш
Иако уште срцето му го слушаш
Бие исто како твоето
И одекнува
Нешто ти зборува
А ти само со косата се покриваш
И не слушаш
Не го слушаш како цвили и преколнува
Има ли нешто поболно од тоа
Жив чоек во себе да убиеш
Да ти вреска болката во умот
И снагата да те дроби
Да се распаѓаш
И да посакаш месо да си откорниш
За да не те вие плачот кој внатре останува
И дур рацете со крвта од вашата љубов си ги гнасиш
Знаеш дека утрото веќе нема да си иста
Веќе никогаш повеќе иста нема да си
Дека од утре почнува крајот
Во кој само ќе се препелкаш
Како риба на суво
Со уста ширум отворена
Без воздух
Без вода
Без себе
Има ли нешто поболно од тоа
Во солзи да удавиш чоек
Да му натежни снагата од плачот твој
И удолу да го влечи
А со него и ти удолу да одиш
И колку е потемно
Толку поудобно ти е
Ти црнее виделото и душата таква ти станува
И не ти мириса веќе на ништо
И не ти работи ниту умот повеќе
Само тонеш и чекаш
Оти мора еден ден и тоа крај да има
Кога? Не знаеш
Како? Ете и тоа не знаеш
Ама знаеш дека те боли
И дека нема
Нема ништо поболно од тоа
Да те нема, а тука да си
Да си жив, а умрен
Ништо полошо и поболно нема
Кога чоек во себе ќе закопаш
А со него и себе ќе се погребаш
Кога ништо не останува
И ништо веќе не ти ни треба
Кога арен не си
Ниту пак арен некогаш ќе бидеш
Оти нема ништо поболно од тоа
Кога љубовта на раце ти венее
И душа в раце ти испушта
Кога умира
Кога умираш
Посетено 815 пати