Каде го поминав летниот распуст?

Две комшиски дечиња си зборуваат за вечната, досадна и некреативна прва домашна работа по македонски јазик секоја година: „Каде го поминав летниот распуст?“

– „Јас бев 15 дена на Крв и уште два викенди во Грција и во Охрид бев плус со тетка ми, не знам за што да пишувам“ вика првото детенце, наперчено.
– „Јас бев 7 дена во Дојран, за тоа ќе пишувам“ вика второто детенце, со свиткано главче од срам.
– „Во Дојран? Што има во Дојран па да пишуваш за Дојран!? Што ќе правиш ако учителката ти рече да го прочиташ составот на глас?“ го прашува потсмешливо и без срам наперченото детенце ова што се срамеше.
– „Може нема мене да ми се падне да читам…“, му одговори тоа скоро безгласно.

Кога дечињата кои немаат се срамат, кога дечињата кои имаат ги понижуваат овие кои немаат, гледаш колку е крив патот пред нас. Никогаш не сум била за практикување наставни методи со кои јавно се нагласуваат социјалните разлики меѓу децата, туку за нивно избегнување колку што е тоа можно. Што очекувате да напишат оние деца кои немаат? Јас никаде не бев, си играв на улица цело лето, зошто мајка ми и татко ми немаа пари да ме однесат на одмор? Темата на составот е исто како да зададеш состав на тема „Какви марки облека носиш?“ „Каква храна јадеш?“ или што знам… „Опиши ја куќата во која живееш“, на пример.

– „Најубав состав за Дојран да напишеш, немој да чекаш да те прозива учителката, сам да кренеш рака, доброволец да се јавиш и да го прочиташ составот пред сите со крената глава миличко!“

Не е срамота да немаш! Срамота е да немаш срам!

Посетено 4.535 пати